Eвропската комесарка за конкуренција Маргрет Вестагер се соочува со незгодни прашања во врска со шпионскиот скандал кој се случуваше додека беше на политичка функција во Данска, пишува „Политико“.

Данските медиуми известија дека Копенхаген им помогнал на американските разузнавачи да собираат податоци од Германија, Шведска и од други европски држави во периодот од 2012 до 2014 година кога Вестагер беше сметана за највлијателна личност во данската влада.

Постојат две можни сценарија во врска со скандалот кои претставуваат политичка опасност за Вестагер. Таа или знаела за наводната американска шпионажа преку данските капацитети што би можело да нанесе штета на нејзиниот кредибилитет, или пак, не знаела што отвора подлабоки прашања за данската влада и безбедносни служби додека Вестагер беше на функција.

Вестагер претходно истакна дека е против шпионирањето, но не даде јасен одговор кога беше прашана дали знаела за шпионирањето додека ја извршуваше функцијата во данската влада, кажувајќи дека разузнавањето не спаѓало под нејзина надлежност. Вестагер не кажа каков увид имала додека била во владиниот комитет за безбедност.

Данските експерти со кои „Политико“ контактирал истакнале дека тешко е да се оцени прашањето за вклученоста на Вестагер во одлуките поврзани со разузнавањето од 2012 до 2014 година.

Засега, со најголем дел од притисокот се соочува данската министерка за одбрана Трине Брамсен, која е на функцијата од 2019 година.