Новите затворања и рестриктивни мерки како резултат на зимските бранови на коронавирусот, потоа енергетската криза, како и проблемите со транспортот на стоки во Европа, според западните медиуми, навестуваат дека европската економија е повторно загрозена, а нејзиното закрепнување може да се пролонгира повеќе од планираното

Враќањето на ковид-мерките и енергетската криза нова пречка за стопанствата во ЕУ

По строгите рестриктивни мерки минатата година поради коронавирусот, европската економија годинава почна да закрепнува и да бележи раст. Но сега пред доаѓањето на зимата повторно е загрозена од фактот што Европа се соочува со уште еден нов бран на ковид-19, кој наметна повторно строги рестриктивни мерки и затворања во повеќе земји.
Ова, меѓу другото, го наведуваат европските медиуми во своите анализи на оваа тема, пишувајќи дека енергетската криза, мутациите на коронавирусот, но и бавната распределба на ковид-фондот на ЕУ меѓу државите-членки за помош на стопанствата, го става закрепнувањето на европската економија под прашалник.
Имено, бриселскиот магазин „Еурактив“ во своја анализа пишува дека одвоениот финансиски помош пакет на ЕУ од 819 милијарди долари за санирање на последиците од ковид-19 можеби нема да биде доволен за брзо закрепнување, како резултат на новите глобални проблеми со транспортот, но и високите цени на енергијата, кои влијаат на економиите.
Питер Алтмаер, германски министер за економија, вели дека страда германската автомобилска индустрија, а инфлацијата во голема мера влијае на потрошувачите.
– Има историски недостиг од одредени производи. Како последица, стотици илјади автомобили не можат да бидат комплетирани, а инфлацијата влијае и врз потрошувачката, додека централните банки мораат да ги зголемуваат каматните стапки. Сето ова придонесува предвидениот раст и заздравувањето на економијата на Германија, а со тоа и на Европа да се одложат за неколку месеци од планираното – вели германскиот министер.

Во меѓувреме, додека Европа се надева дека вакцинирањето ќе спречи понатамошно ширење на ковид-19, европскиот фонд за постпандемиска обнова го кочи планирањето на структурните фондови.
Според повеќе бриселски медиуми, средствата планирани за обнова од пандемијата периодов го оптоварија административниот капацитет во многу членки на ЕУ, па поради ова може да дојде до доцнење на нивната реализација.
Ова, како што пишуваат медиумите, ќе придонесе и за стагнација наместо пораст на економската крива, која впрочем се очекуваше да „заздрави“ токму од помошта предвидена во ковид-фондот на ЕУ.
– Комбинацијата од огромното административно оптоварување што произлегува од затворање на постпандемиската инвестиција и почетокот на следниот буџетски период (2028-2034 г.), веројатно ќе ја отежни бирократијата на членките од блокот. Иако европските земји планираат да ги финализираат своите програми за идната година, што ќе им овозможи да ги користат фондовите за економско закрепнување за периодот 2021-2027 година, сепак тие многу веројатно ќе бидат запрени поради бирократијата што ја имаат државите. Друг дополнителен проблем што може да предизвика застој на економиите е и неподготвеноста за реализација на фондовите за помош од пандемијата од страна на земјите-членки – пишува угледниот магазин „ЕУ опсервер“.
Во исто време, повеќе експерти на оваа тема предупредуваат дека проблемите со транспортот можат и да доведат до тоа за време на новогодишните празници да нема сѐ што ќе посакаат Европејците под „елката“.