Бројот на џихадистички напади во Европа во 2017 година бил двапати поголем во споредба со 2016 година. За сметка на тоа нападите предизвикале речиси двапати помалку жртви, соопшти денеска европската полициска служба Европол.

Во Европа минатата година  биле регистрирани 33 напади, идентификувани како терористички. Во таа статистика Европол ги вклучува како извршените, така и неуспешните и осуетените  напади.

Во 10 терористички напади во Европа во 2017 година, загинаа 62 лица. За споредба, во 2016 година на континентот биле извршени 13 терористички напади, 10 од нив предизвикаа смрт на вкупно 135 лица.

– Бројот на џихадистички терористички напади се зголеми во 2017 година, но паралелно со тоа таквото ниво на подготовка и спроведување стана помалку сложено, констатира Европол.

Агенцијата предупредува за опасноста од такви напади, за кои  одговорноста ја презема Исламска држава, и како пример го посочува нападите со автомобили во пешаци или нападите со нож на случајни минувачи. 

Минатата година, при два такви напади во Лондон загинаа 13 лица, а 98 лица беа повредени.

Извршителите на џихадистичките напади извршени во Европа минатата година беа главно локални жители. Тоа значи дека тие биле радикализирани во земјата во која живееле без да патуваат во странство за да се приклучат на терористичка група.

Во извештајот на Европол се наведува дека Исламската држава,  Ал Каеда и другите џихадистички групи и понатаму претставуваат голема закана и имаат намера и капацитет да извршат терористички напади на Запад.

–  Се подразбира дека поддршката за земјите членки во борбата против тероризмот останува апсолутен приоритет за Европол- изјави новата директорка на агенцијата Катерин де Бол.