Во правец на што безболно справување со последиците од најавената глобална криза, државите во Европа, но и пошироко, спроведуваат разни политики за спас на своето население од тешките состојби. Тие се движат од издавање бонови за гориво и храна, па сѐ до субвенции за плаќање на сметките на граѓаните

Со бонови за горива и ваучери за храна ќе се ублажува светската криза

Енергетската криза во Европа принуди некои земји-членки на Унијата да размислуваат за воведување бонови за горива, но и ваучери за храна како алатка за ублажување на економскиот удар врз граѓаните, предизвикан од растот на цените на стоките и енергентите.
Имено, ваквата идеја многу веројатно прва ќе ја примени Франција, каде што тамошните медиуми пишуваат дека француските министри веќе имаат нацрт-предлог со кој наскоро Владата во земјата ќе започне со печатење бонови за горива, но и ваучери за храна за домаќинствата со ниски примања.
Тоа е така бидејќи единствено на овој начин државата ќе може да ја ограничи економската штета врз граѓаните што ја предизвика скокот на цената на енергијата низ целиот свет поради силниот раст на побарувачката, по закрепнувањето на пандемиска економија, наведува „Ројтерс“.
Меѓутоа, министерот за финансии на Франција, Бруно Ле Мер, изјави дека ова не само што скапо ќе ги чини јавните финансии туку ќе биде и субвенција за фосилните горива во време кога Владата се обидува да направи скршнување од нив.
– Повеќе сум за ваучери за бензин отколку за намалување на даноците – изјави Ле Мер за Радио Европа 1.
Со оглед на тоа што економскиот раст во земјата се очекува да надмине шест проценти оваа година благодарение на мерките за корона-поддршката на економијата и граѓаните, економијата се смета за адут на францускиот претседател Емануел Макрон пред изборите во април пишува, француски „Ле монд“.

Државни субвенции за сметки, храна, превоз…

Во меѓувреме, западните медиуми наведуваат дека и други земји низ еврозоната се соочуваат со економски последици што директно влијаат на џебот, но и стандардот на граѓаните. Па така, РСЕ јавува дека изминатава неделава чешката влада привремено го укина данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија и гас поради големиот пораст на цените на енергијата во земјата.
Според чешките новински агенции, тамошното министерство за финансии соопшти дека ДДВ-то, кое изнесува 21 отсто, нема да се наплатува во ноември и декември.
– Ова значи дека домаќинствата што плаќаат 1.000 круни месечно или околу 40 евра за електрична енергија ќе заштедат околу 350 круни во наредните два месеца од годината. Владата планира следната година да направи законски измени за трајно исклучување од ДДВ на снабдувањето со електрична енергија и гас – информира чешката влада.
Интересно е што овие проблеми верижно ги погодуваат речиси сите земји-членки на Унијата. Делови од Шпанија, но и некои кантони од јужните градови на Италија, веќе делат ваучери за храна за социјално загрозените семејства. Не се исклучува ваквата помош да се прошири на ниво на целите држави, особено по новиот удар и растот на инфлацијата во ЕУ предизвикан од енергетска криза, анализира „Дојче веле“.

Светот се подготвува за нова економска криза?

Ништо поразлично не е ниту во остатокот од светот. Според јавно достапните информации, цените на горивата во светот никогаш не биле повисоки, а тоа според странските експерти, најавува дека државите треба да се подготват за нова економска криза.
Во контекст на случувањата, Либан пред неколку дена остана целосно без електрична енергија, а засега се шпекулира и за зголемување на цените на стоките и продуктите во САД, поради што е можно и Америка да ја погоди економски „шок“ пред новогодишните празници.
Дополнително загрижувачка информација пласира и магазинот „Блумберг“, кој наведува дека има и намалување на снабдувањето со електрична енергија во фабриките во Кина, опасност поради која може да се случи светот до крајот на годината на остане без чипови за компјутери, но и мобилни телефони.
Инаку, остриот скок на побарувачката, кој следуваше по олеснувањето на мерките за заштита од ковид-19, во комбинација со финансиската помош што земјите од светот ја „впумпуваат“ во своите економии, доведе до астрономски пораст на цените на индустриските производи. За многу кратко време цените на металите, енергијата и земјоделските производи се кренаа до степен што многумина ги натера да се запрашаат дали новите цени се вовед во нова економска криза, пишува српски „Блиц“.