Воена опрема и оружје произведено во земјите од ЕУ завршиле во рацете на милитанти на повеќе конфликти лоцирани на Блискиот Исток и во Африка. Овие загрижувачки информации неодамна ги објави италијанскиот институт за мир и разоружување, кој посочи дека дури и покрај ембаргото за продажба на воена техника на земјите од Стариот Континент, тие и натаму прават профит од продажба на оружје

Извештај на италијанскиот институт за мир и разоружување

Дали европските оружја ги разгоруваат војните на Блискиот Исток и во Африка, стигнувајќи нелегално во рацете на терористите. Ова се дел од размислувањата што се актуелни периодов во Европа откога во медиумите проструија информации, кои велат дека оружје и воена техника произведени во фабриките на земјите од ЕУ завршиле во редовите на екстремистите од боиштата.
Во своја информација на темава, бриселски „Јуроњуз“, повикувајќи се на извештај на италијанскиот институт за мир и разоружување, пишува дека Европејците се вчудовидени од објавите на медиумите дека европските производители на оружје од Италија, Франција, Германија, Белгија, но и други, извезуваат на големо воена техника во држави на Блискиот Исток и во Африка, во кои постои јасен ризик дека воената опрема може да не стигне до вистинскиот набавувач. Имено, како што наведува медиумот, продажбата на оружје од Европа оди во државите на Блискиот Исток, во кои има кршење на човековите права и слободи, но и отворени конфликти, вклучувајќи ги Египет, Јемен, Сирија и сл. Згора на тоа, претставник на „Амнести интернешенел“ на оваа тема пишува дека земјите од Европа продолжуваат да им даваат годишна воена помош на земјите од Африка и од Блискиот Исток од неколку милијарди долари, што предизвика жестока дебата со активистите за човекови права, кои прашуваат зошто Брисел дава толку многу пари на едни од најрепресивните држави во светот.
– Заедничката позиција на Брисел е правно обврзувачка да не им се продава оружје на земји што се во конфликт во моментов, но Европската Унија нема начин да го спроведе тоа. Државите членки се тие што одлучуваат какви лиценци даваат за извоз на оружје и каде го продаваат. Тоа е така бидејќи системите во државите во Унијата се многу различни. Ова создава многу проблеми во последно време, зашто што има многу законски дупки за компаниите и тие можат слободно да извезуваат каде сакаат без никакви европски регулативи. Тоа е она што политички треба да го запреме и да го решиме – вели Хана Нуман, претставничка во европскиот парламент.

Франција и Италија најголеми извозници на оружје од ЕУ?

Во меѓувреме, Франција, Германија, Шпанија и Италија се главните извозници на оружје во ЕУ. Во последните пет години, главни клиенти на Франција надвор од Европа беа Египет и Саудиска Арабија, но таа им продаваше оружје и на Обединетите Арапски Емирати, Пакистан, Израел, Етиопија и Авганистан, но и на многу други, наведува „Јуроњуз“. Како што пишува европскиот медиум, Германија, како еден од поголемите извозници на оружје на Стариот Континент, најмногу продава во Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, но исто така и во земји како Јужен Судан и Сомалија. Слично на неа и извозот на Шпанија и Италија, исто така, најчесто се ориентира кон истите дестинации, кои во глобала се држави со нестабилни влади и конфликти.
– Италија во изминатите години извезе повеќе од 50 отсто од своите системи за вооружување на Блискиот Исток и на Северна Африка – вели Франческо Вињара од италијанскиот институт за мир и разоружување.

ЕУ-институциите немоќни да го запрат бизнисот

Паралелно на ова, Европскиот парламент низ минатите години неколкупати беше шокиран од извештаите за тоа колкаво количеството европско оружје завршуваше во рацете на терористите низ светот. Па, така, оваа европска институција, сакајќи да се спречи ваквата практика, со повеќе нацрт-извештаи за извоз на европско оружје во ЕП предлагаше да се започне истрага за тоа како воената техника стигнува во рацете на терористите. Новинската агенција „Спутник“ пишува дека иако европските земји неколкупати досега се залагаа да се престане со оваа практика на продавање оружје во светот, поточно во ризичните места, сепак профитот и интересот за тргување не ги одвратија европските компании за воена техника и муниција да извезуваат во државите што се соочени со нереди и воени конфликти. Сириските медиуми во повеќе наврати известија дека сириската армија открила големи резерви оружје, муниција, возила и друга воена опрема, произведени во САД, Европа и во Израел, додека ги расчистувале регионите од кои ги протерале терористите.