Европската комисија претстави стратегија вредна две милијарди евра за сајбер-заштита на ЕУ, која ќе има за цел да ја издигне сигурноста во интернет-просторот во блокот. Нацрт-планот на Унијата доаѓа во пресрет на големите напади што се случија периодов врз Европската агенција за лекови, која во моментов е вклучена во одобрување на вакцините против коронавирусот

Европската комисија предложи нацрт-план за обнова на правилата за сајбер-безбедност за критичните сектори и нова стратегија за сајбер-безбедност, во обид да се зајакне одбраната од поголеми нарушувања и напади. Стратегијата вредна речиси две милијарди евра ќе биде финансирана во рамките на Европската дигитална програма на ЕУ, а новите предлози за заштита доаѓаат во пресрет на големите напади на Европската агенција за лекови, која во моментов е вклучена во одобрување на вакцините против коронавирусот. Како што јавуваат европските медиуми, зголемувањето на сајбер-безбедноста во блокот исто така е насочено и кон нападите што се случија во повеќе земји во блокот периодов и кои имаа цел да ги нарушат стратегиските индустрии во Европа и во јавните институции во изминатите неколку години.
– ЕУ сака да ги засили и заштити своите влади, граѓани и деловни активности од глобални сајбер-закани и да обезбеди лидерство во сајбер-просторот – изјави Јозеп Борел, шеф на надворешната политика на ЕУ.

Што е опфатено во стратегијата?

Бриселскиот медиум „Еуроњуз“ во својата анализа за новите правила за сајбер-безбедност во ЕУ истакнува дека меѓу другите иницијативи што се разгледуваат во Брисел е и употребата на центри за безбедносни операции што ќе користат вештачка интелигенција и ќе бидат отворени низ Унијата за да формираат еден вид сајбер-штит што ќе детектира знаци на напади и ќе може да изврши рана превентивна акција од шпионирање. Покрај тоа, се планира да се оформи заедничка сајбер-единица за подобра заштита од штетни и прекугранични сајбер-напади. Алесандро Гропели, директорот на стратегијата и комуникациите во Здружението на оператори на европски мрежи (ЕТНО), ги поздрави предлозите на Европската комисија.
– Многу сектори ќе бидат опфатени во доменот на овие нови правила, од производството до податоците и нивното чување до конекцијата на конференциските платформи и владините ИТ-системи. Овие нешта се многу важни сега кога зборуваме за вакцините или следење на контактите преку апликации за коронавирусот. Свесноста е клучен факт – порача Гропели.

Одбранбените системи влегуваат во употреба од 2021 година?

Во меѓувреме, стратегијата ќе вклучува нови европски решенија за зајакнување на светската безбедност на Интернет. Меѓу регулативите што беа објавени во европските медиуми а се однесуваат на сајбер-безбедноста во Европа се и оние што целат кон подобрување на дипломатските инструменти за спречување, одбивање и одговор на напади. Понатаму, зајакната соработка за сајбер-одбраната, зголемен дијалог за сајбер-безбедност со држави надвор од ЕУ, вклучувајќи и со меѓународните организации како НАТО, но и креирање европска агенда за градење надворешен сајбер-капацитет.
Новите правила би биле предложени и најверојатно усвоени во 2021 година, а стратегијата поддржува и развој на „квантна инфраструктура за комуникација“ за размена на информации низ цела Европа.

Документот што беше објавен деновиве исто така утврдува и план за спротивставување на „ограничувањата на авторитарните режими на интернет“, со тоа што ќе се олесни воведувањето санкции за хакерските групи поддржани од државата и ќе се развијат посилни меѓународни правила во рамките на Обединетите нации и другите меѓународни форуми.
Европската комисија исто така ја објави својата евалуација за тоа како земјите во ЕУ досега спроведоа мерки за безбедност на 5Г, во услови на зголемен притисок врз кинеските продавачи на телекомуникации „Хуавеи“ и ЗТЕ во Европа.