По суспензијата на вакцината на „Астра Зенека“ во многу држави, особено во Европа, Европската агенција за лекови (ЕМА) сепак официјално соопшти дека таа е безбедна и да се продолжи програмата за вакцинација со неа, откако ги анализираше прелиминарните извештаи за состојбата. ЕМА не откри докази за поврзаноста меѓу вакцината и ризикот од згрутчување на крвта, но сепак призна дека има шанси вакцината да има врска со „ретки случаи на згрутчување на крвта поврзани со тромбоцитопенија“. Иако не постојат докази за случајна причинско-последична врска, агенцијата смета дека треба да има понатамошна анализа. Земајќи ги предвид бројот на вакцинирани со „Астра Зенека“ (околу 20 милиони) и неколку познати случаи со појава на згрутчување на крвта, од ЕМА заклучија дека „полезноста на вакцината сепак ги надминува ризиците од несаканите ефекти и е вредно средство во борбата против ковид-19“.
По препораките на ЕМА, неколку европски држави продолжија веднаш со користењето на оваа вакцина, иако со одредена доза на внимание. Европската Унија (ЕУ) не може во моментов да си дозволи уште една пречка во вакцинирањето на населението, бидејќи веќе сериозно заостанува зад многу други земји и региони. Според официјалните бројки, во ЕУ темпото за вакцинација е 13 дози на 100 лица заклучно со 21 март, додека Велика Британија, која неодамна го напушти блокот, дава 44 дози на 100 лица, а во САД се трошат 37 дози на 100 жители.