Системот за предупредување на ЕУ регистрира голем број опасни производи во Унијата

Според последниот извештај објавен од страна на Европската комисија, спроведен од системот за предупредување на опасни производи во Унијата, во Европа минатата година биле регистрирани рекорден број штетни стоки, меѓу кои во некои од нив биле пронајдени токсични материи што се штетни по здравјето на луѓето

Според извештај на ЕК и системот за предупредување на опасни стоки

Земјите-членки на Унијата се преплавени со небезбедни играчки и сомнителни производи што содржат токсични количества олово, кадмиум, антимон, но и други опасни материи. Ова, меѓу другото, се наведува во последниот извештај објавен од страна на Европската комисија, спроведен од системот за предупредување на опасни производи во Унијата, кој минатата година регистрирал рекорден број штетни стоки, меѓу кои во некои од нив биле пронајдени токсични материи што се штетни по здравјето на луѓето во земјите-членки на ЕУ.
Меѓу алармантните производи што се наведуваат во извештајот на ЕК за кои Брисел најмногу стравува од нивната употреба се детските играчки, меѓу кои се пластичните играчки како автомобили на батерии, кадифените мечиња, но и лигавите играчки познати како „слајм“.
Дополнително, меѓу другите проблематични производи, во извештајот на ЕК се наведуваат дури и некои автомобили, уреди за домаќинство, но и козметика, пишува „Еуроњуз“.

Како што наведува медиумот, европскиот систем за предупредување на опасни производи исто така регистрирал и тестирал производи за заштита од ковид-19, како што се ракавици, алкохолни гелови и маски, каде што исто така за некои од нив, според „Еуроњуз“, било заклучено дека се небезбедни за употреба токму поради содржината на токсични материи во нив.
Во извештајот на ЕК најистакнатите ризици од употреба на овие производи биле поврзани со производите што предизвикувале повреди како скршеници или потрес на мозокот, додека хемиските компоненти во производите се втора причина за загриженост во Унијата. Веднаш зад нив во извештајот на системот за предупредување на опасни производи во ЕУ е задушувањето кај најмалите деца од користење на небезбедните играчки.
Во меѓувреме, како што наведува „Еуроњуз“, властите во земјите како Велика Британија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, преку системот, во изминатиот период размениле вкупно 2.234 предупредувања за опасни производи, по кои, како што наведува медиумот, следувале 4.477 акции низ земјите за тргање од производство и употреба на овие сомнителни производи. Овие бројки говорат дека има зголемување од речиси 10 отсто на токсичните производи во Европа во однос на 2018 година.
Известувањето во исто време доведе до повлекување или уништување производи од страна на дистрибутерите и малопродажбата пред да стигнат до потрошувачите, а беа повлечени и небезбедните предмети.

– Системот добро функционира. На единствениот пазар, кој го делат 450 милиони потрошувачи, секогаш постои ризик од опасни производи од некоја членка што може да завршат во рацете на децата, но системот го спречува токму тоа – посочи Дидие Рејндерс, еврокомесарот за правда, на една прес-конференција и додаде дека единствениот пазар е „најголемото постигнување“ на блокот и дека властите „не смеат да дозволат никаков пропуст“.
Иако Велика Британија во моментов учествува само со споделување информации, сепак ова ќе се промени кога ќе заврши транзицискиот период од брегзит на 31 декември годинава.

За тоа дали државата треба да има пристап до системот, портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд, неодамна изјави за „Еуроњуз“ дека „ако Велика Британија сака да биде членка на системот за брза тревога во иднина, тогаш ЕУ треба да оцени дали таа ги исполнува правните услови за пристап во него како трета држава“.
– Ефикасното учество во системот за брза тревога е можно ако соодветните европски закони се воведат во британското законодавство. Пристапот на Велика Британија во него ќе треба да зависи од меѓународниот договор – посочи тој.