Со завршувањето на тековната година, мината во услови на пандемија, економска криза и брегзит, жителите на Стариот Континент во 2021 година ги очекуваат нови регулативи, на кои допрва ќе треба да се навикнуваат. Како едни од најважните нови правила во Европа ќе бидат укинувањето на сегашното слободно патување меѓу Британија и ЕУ, употребата на ковид-пасошот и укинувањето на големите собири

Европскиот континент, покрај големите промени што треба да ги почувствува од двете страни на Ла Манш поради ефектите на брегзит, во новата година паралелно ќе се соочи со повеќе регулативи и нови решенија на кои Европејците допрва ќе треба да се приспособуваат. Имено, како најсуштинска промена во Европа од која ќе излезат нови правила за трговија, слободно патување и слично е и официјалното напуштање на Велика Британија на ЕУ, кое стапува во сила од 1 јануари 2021. Со истекот на 2020 година, правилата на ЕУ престануваат да важат за Велика Британија. Овие промени што се наведени во трговскиот договор меѓу Брисел и Лондон, по брегзит, ќе имаат директно влијание врз луѓето од двете страни на Ла Манш во однос на патувањата, престојот и размената на економски добра меѓу Велика Британија и Европа.

Роаминг и „визи“ за Европејците на Островот?

Со договорот меѓу ЕУ и Лондон, слободното патување ќе заврши на 1 јануари 2021. Велика Британија ќе применува сопствен систем за имиграција за граѓаните на ЕУ. Во моментов, секој Британец со привремен престој во ЕУ треба да добие здравствено осигурување од Владата на Велика Британија за користење на здравствените услуги додека е во ЕУ. Но тоа осигурување нема да биде валидно од јануари, освен во некои случаи. За оние што живеат во ЕУ а примаат пензија од Велика Британија, зголемувањето на пензијата ќе одговара на стапката на инфлација. Оние што ќе се преселат во ЕУ, од јануари ќе може да добиваат пензија од Велика Британија во иднина, но износот зависи од преговорите, кои сѐ уште се во тек. Дополнително, како што пишува „Би-би-си“ во својот текст на оваа тема, можеби според европските закони телекомуникациските компании нема да смеат да им овозможат имплементација на користа за повиците направени од земјата надвор од ЕУ. По автоматизам, со тоа од јануари Велика Британија нема да може да се оптимизира со овој закон, па големите компании веќе најавија дека планираат да го воведат роамингот, но доколку се договори тоа, можно е тој да се избегне.

Ковид-пасош за меѓународни патувања

Паралелно на новите правила што допрва ќе излезат за Европејците во однос на брегзит, интересно е што по почнувањето на масовната вакцинација на Стариот Континент повеќе западни медиуми ја пласираат информацијата дека од идната година на Европејците, но и на преостанатиот дел од светот, ќе им биде неопходен ковид-пасош за непречено меѓународно патување. Имено, според „Вашингтон пост“, се работи за концепт што од самите почетоци на пандемијата се спомнуваше како решение за нормализација на индустријата на патувања.
Концептот овие денови, додека на пример Велика Британија премина на вакцинирање, забрзано станува стварност. Според медиумот, ковид-пасошот првенствено ќе биде наменет за меѓународни патувања, ќе биде направен како апликација, а според најавите ќе стапи во сила некаде напролет идната година. Интересно е што една од апликациите за ковид-пасош веќе е во пробна употреба, а друга е во финална фаза од развојот. Корисниците би ги користеле тие апликации за верификување на резултатите од тестирањето, а еден ден како доказ за вакцинација.

Големите собири одат во заборав

Во меѓувреме, веќе со месеци ограничувањата поради коронавирусот диктираат каде можат да патуваат луѓето и кого можат да видат кога ќе стигнат на посакуваната дестинација. Бриселскиот медиум „Еуроњуз“, со оглед на тоа што се наближува Нова година, наведува дека владите во Европа и во светот треба да донесат тешка одлука за тоа дали да ги ублажат ограничувањата за време на празниците и по нив. Така, според медиумот, многу е веројатно во периодот што следува по празниците многу европски земји и понатаму да ги продолжат рестрикциите, а во некои европски земји е можно големите собирања да се укинат на одредено време со законско решение. Сепак медиумот подвлекува дека доколку во новата година стапат во сила овие строги мерки поради пандемијата во пресрет на третиот бран, кој се очекува напролет, тоа ќе биде тежок удар за веќе повредената економија, но и за граѓаните, на кои многу им се потребни забава и опуштање од огромниот стрес што го предизвика пандемијата.