Дипломати од Европа, Кина и Русија разгледуваат нов договор со Иран во надеж дека ќе го спасат нуклеарниот договор од кој САД се откажаа.

Новиот договор предвидува финансиска помош за Иран, а за возврат Техеран да го ограничи создавањето балистички ракети и своето мешање во земјите од регионот, пишува германскиот весник „Билд ам Зонтаг“.

Дипломатите ќе се сретнат следната недела во Виена, а со состанокот ќе претседава Хелга Шмит, висок дипломат на ЕУ.

Весникот, кој се повикува на извори во ЕУ, исто така пишува дека на состанокот во австрискиот главен град ќе присуствуваат претставници на Германија, Велика Британија, Кина, Русија и Франција, но не и на САД.

Се уште не е јасно дали Иран, кој досега ги отфрли повиците да запре со развивање проектили, ќе има свој претставник во Виена.