Германија и Франција, клучните членки на Европската Унија, не го издржаа притисокот од Вашингтон и де факто прифатија Европа во иднина повторно да стане центар во трката за вооружување меѓу светските сили, како што беше и во периодот на Студената војна, оценува „Геополитика“

Германија, исто како и Франција претходно, го отфрли предлогот на Русија за воведување мораториум за распоредување ракети со мал и среден дострел во Европа. Со други зборови, клучните членки на Европската Унија не го издржаа притисокот од Вашингтон и де факто прифатија Европа во иднина повторно да стане центар во трката за вооружување меѓу светските сили, како што беше и во периодот на Студената војна, оценува порталот „Геополитика“.
– Ние укажуваме на изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, дадена во име на Алијансата на 2 август – соопштија од германската влада.

Имено, Столтенберг тогаш порача дека Русија „за почеток“ треба да го запре распоредувањето на своите системи, да ги уништи и да почне да го спроведува Договорот за ракети со мал и среден дострел. Неговата изјава следуваше како реакција на официјалното повлекување на Русија од тој договор на 2 август, а што непосредно претходно го направија и САД. Реакцијата на Париз, кој исто така не го прифати предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за мораториумот, е нешто поинаку формулирана, но во суштина е иста со изјавата на Берлин. По официјалното одбивање на рускиот предлог, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека рускиот предлог бил прифатен само како основа за понатамошна дебата.

„Геополитика“ наведува дека таквата дебата, како и обично, ќе се сведе на американските предлози и планови, кои на еден или друг начин на крајот и ќе бидат усвоени. Тоа и не може да биде поинаку, бидејќи целиот повоен безбедносен систем на Западна Европа (сега ЕУ), функционира врз начелото на американскиот примат во однос на прашањето за заедничката одбрана. Сето тоа укажува дека најмоќните членки на Унијата повторно попуштија под големиот притисок од Вашингтон. Се разбира, тоа сепак не значи дека овие одлуки на Франција и на Германија во реалноста и ќе доведат до распоредување нови американски нуклеарни ракетни потенцијали во Европа, како ниту дека САД сакаат да го сторат тоа, на што остро се противат водечките европски политичари. Сепак, таквата одлука и евентуалното (не)давање дозвола е само во нивни раце, бидејќи сепак се однесува на нивните територии.

Но како што оценува „Геополитика“, европските политичари и досега често мудруваа за европската сила и единство во спротивставувањето на агресивната трговска, надворешна и одбранбена политика, при што на крајот овие „мудрувања“ се сведуваа на онаа народната „кучињата лаат, а карванот си оди“. Тоа најдобро можеше да се види во целосната немоќ на ЕУ во обидот за зачувување на иранскиот нуклеарен договор, откако од него САД еднострано се повлекоа минатата година, по што следуваа нови и поостри санкции против Иран и неговиот енергетски и финансиски сектор, што негативно се одрази и врз европските енергетски и вкупни трговски интереси и инвестиции. А кога ЕУ не може да ги заштити ниту своите трговски интереси, иако е една од најбогатите светски економски региони, како тогаш да се очекува дека Европа, без својот самостоен безбедносен систем, да му каже „не“ на Трамп и со тоа и официјално да стане независен глобален геополитички играч и конкурент.

Од друга страна, пак, Путин минатата седмица испрати предлог за продолжување на Договорот за стратегиско нуклеарно наоружување (СТАРТ-3), кој истекува во 2021 година. Русија смета дека повеќе нема време за постигнување нов договор, и затоа предлага продолжување на постојниот, но не и неопходно на пет години, може и на пократок рок. Меѓутоа, американскиот претседател уште не се огласи за судбината на овој, последен важен договор од воена природа помеѓу двете нуклеарни велесили по нивното повлекување од оној – за европската безбедност клучен договор – за ракетите со мал и среден дострел. Имено, Трамп сака во некој иден договор од овој вид да ја вклучи и Кина, која исто така е нуклеарна велесила со забрзан пораст на своите воени потенцијали. Меѓутоа, Пекинг категорично го отфрла тоа, тврдејќи дека САД и Русија имаат стратегиска надмоќ во интерконтиненталното нуклеарно оружје, и дека во таа сфера на вооружувањето постои стратегиска нерамнотежа на штета на Кина. Па, така, со други зборови, по сѐ изгледа дека сега се поставуваат темелите за нова голема глобална трка во вооружувањето – овој пат со активно учество и на третата мегадржава Кина, заклучува „Геополитика“.