Зад сцената се раѓа нов европски консензус за трансатлантските односи, што претставува голема промена. До неодамна, надежите на повеќето европски лидери беа поврзани со исходите од американските претседателски избори. Тие веруваа дека ако Трамп загуби во 2020 година, тогаш светот некако ќе се врати во нормала. Но сфатија дека многу работи се променија и во Вашингтон, оценува аналитичарот Иван Крастев во анализата за „Њујорк тајмс“

Американскиот претседател Доналд Трамп отсекогаш уживал да ги исфрла од рамнотежа европските лидери, да се расправа со сојузниците и да ги поддржува „бунтовниците“. Но сега Европа, која и самата поминува низ големи промени, го исфрла Трамп од рамнотежа. На самитот на НАТО во Лондон тој беше изложен на остри критики од францускиот колега Емануел Макрон, за прашања како што се тероризмот и трговијата. За претседател што се гордее дека е „голем нарушувач“, тоа беше вџашувачки пресврт, кој ги нагласува промените во Европа – амбициозен претседател во Франција, лидерка во заминување во Германија и популистички бунтовник во Британија – кои ги „заматија“ неговите калкулации, оценува „Њујорк тајмс“.

Откако Трамп го почна мандатот, Европејците се мачеа да се приспособат на неговите предрасуди и барања. Тие го фалеа за неговиот успех да ги повика членките на НАТО да ги зголемат донациите за Алијансата, му ласкаа со повици за воени паради, како што направи Макрон, и стоички ги издржаа неговите напади за европскиот трговски суфицит со САД, како што издржа Меркел. Но и Европа се менува – Британија се обидува да замине, Меркел се ближи кон крајот на владеењето, а Макрон ги засилува напорите за преземање на европското лидерство, со визија во иднина што помалку зависи од САД. Неговите критики за НАТО всушност се индиректни критики за Трамп и неговата политика „Америка на прво место“.

Како што се менува Европа, Трамп сѐ повеќе разбира дека мора да го рекалибрира својот пристап. Па, така, претседателот што еднаш се закани дека ќе ги повлече САД од НАТО, сега се појави како бранител на Алијансата. Трамп отсекогаш сметал дека државништвото е многу лично и строго трансакциско, поради што некои експерти внимаваат да не избрзаат со генерални заклучоци од неговиот првичен перформанс во Лондон. Неговиот судир со Макрон, според нив, можеби повеќе се должи на личното несогласување со наметливиот стил на францускиот претседател, отколку со базичните несогласувања за иднината на НАТО.

– Во моментов, Макрон ја замени Меркел како непријател на Трамп, но сметам дека тие би можеле да соработуваат за неколку месеци. Постои генерално совпаѓање во нивните критики за НАТО. Макрон тврди дека НАТО би требало да се фокусира на тероризмот, а Трамп инсистира дека Алијансата треба да се фокусира на тероризмот и на Блискиот Исток. Макрон вели дека Русија не е толку голема закана; Трамп исто така тврди дека Русија не е толкава закана – оценува Томас Рајт, директор на Центарот за САД и Европа при институтот „Брукингс“.

И додека Трамп ги навреди меѓународните институции и ги напушти сојузниците од Сирија до Корејскиот Полуостров, европските политичари се обидуваат да балансираат – од една страна сакаат да се обединат против тоа што Вашингтон ѝ го заврти грбот на Европа, а од друга страна сакаат да се осигурат дека нивното обединување нема дополнително да ја оддалечи администрацијата на Трамп. Поради тоа, како што оценува аналитичарот Иван Крастев, европските политики кон САД осцилираат помеѓу фалењето дека Европа може сѐ да прави сама и паничното претворање дека работите се како порано.

– Но зад сцената се раѓа нов европски консензус за трансатлантските односи, што претставува голема промена. До неодамна, надежите на повеќето европски лидери беа поврзани со исходите од американските претседателски избори. Тие веруваа дека ако Трамп загуби во 2020 година, тогаш светот некако ќе се врати во нормала. Но сфатија дека многу работи се променија и во Вашингтон – истакнува Крастев.

Покрај тоа, според него, Европејците исто така се уплашени од можноста за судир, во стилот на Студената војна, помеѓу САД и Кина.

– Но ако се остави тоа настрана, сметам дека се случува многу поголема промена: европските либерали увидоа дека американската демократија повеќе не произведува консензуална политика со предвидлива надворешна политика. Промената на претседателот повеќе не значи само нова личност во Белата куќа, туку и нов режим во односите со Европа. Во изминатите 70 години, Европејците знаеја дека без разлика на тоа кој е во Белата куќа, американската надворешна политика и стратегиските приоритети ќе бидат конзистентни. Денеска ништо не е сигурно. Иако повеќето европски лидери беа вџашени од негативните коментари на Макрон за НАТО и за САД, многумина се согласуваат со него дека на Европа ѝ е потребна поголема независност на надворешната политика. Тие сакаат Европа да развие сопствени технолошки капацитети и да развие капацитет за воени операции надвор од рамките на НАТО – заклучува Крастев.