Европарламентот исто така ја потврди и можноста за измена на политичката декларација за брегзит, која Лондон ја прифати, но порача дека самиот договор не може да биде изменет. Џонсон и во обраќањето пред британските пратеници порача дека сака брегзит да се случи до 31 октомври, со договор или без договор со Брисел

Европскиот парламент го предупреди новиот британски премиер Борис Џонсон за штетните економски последици од излегувањето на Британија од Европската Унија без договор. Европарламентот исто така ја потврди и можноста за измена на политичката декларација за брегзит, која Лондон ја прифати, но порача дека самиот договор не може да биде изменет. Џонсон и во обраќањето пред британските пратеници порача дека сака брегзит да се случи до 31 октомври, со договор или без договор со Брисел, пренесуваат светските медиуми.

– Неодамнешните изјави, вклучувајќи ги и оние дадени во текот на кампањата за раководство на Конзервативната партија, значително го зголемија ризикот од брегзит без договор – се наведува во соопштението на претставниците на политичките групи во Европарламентот по состанокот со Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ за брегзит.

Во соопштението исто така се истакнува дека брегзит без договор ќе биде економски многу штетен, иако штетата двете страни нема да ја почувствуваат на ист начин.
– Брегзит без договор не би можел да биде заменет со некој вид аранжман или мини-договор помеѓу ЕУ и Британија – предупредуваат европските пратеници.
Според нив, нема да може повторно да се преговара за договорот што досегашната британска премиерка Тереза Меј го постигна со Брисел.
Во своето прво обраќање пред парламентот во Лондон, по стапувањето на функцијата, британскиот премиер повтори дека не се откажува брегзит да го заврши до 31 октомври – со или без постигнат договор со ЕУ. Тој го опиша крајниот рок како почеток на нова златна доба за Британија.

– Верувам дека е можно и во оваа доцна фаза да се постигне договор. Но една работа мора да биде јасна: Договорот за повлекување, што беше постигнат од мојот претходник, трипати беше одбиен од овој парламент – истакна Џонсон.
Тој повика на договарање нови услови со ЕУ, но додаде дека тоа нема да ја вклучува т.н. ирска граница, која ЕУ и Ирска ја сметаат за предуслов за кој било договор.
Но лидерот на опозициските лабуристи, Џереми Корбин, остро го критикуваше Џонсон, истакнувајќи дека Британците не му веруваат на премиерот дека ќе ги донесе правилните одлуки.

– Доколку премиерот е убеден во својот план, тогаш треба да се врати кај народот со тој план. Лабуристите ќе се спротивстават на секој договор што нема да ги заштити работните места, работничките права или животната околина – додаде Корбин.
Опозицискиот лидер порача дека доколку има втор референдум, Лабуристичката партија ќе го поддржи останувањето на земјата во ЕУ, наспроти можноста за брегзит договорен од конзервативците или брегзит без договор воопшто.
Со остра реакција се јави и ирскиот премиер Лио Варадкар, кој порача дека предлогот на Џонсон за целосно редефинирање на договорот за брегзит со ЕУ е далеку од реалноста.

– Тоа не е нешто што може да се случи во реалниот свет. Слушајќи го тоа што денеска го кажа, добив впечаток дека зборуваше не само за исклучување на договорениот заштитен механизам за Северна Ирска, туку и за сосема нов договор, договор подобар за Британија. Тоа нема да се случи – истакна Варадкар.


Во новата влада и помладиот брат на британскиот премиер

Британскиот премиер Борис Џонсон именуваше дел од членовите на новата влада, кои треба да му помогнат да го спроведе брегзит до 31 октомври. За нов шеф на британската дипломатија е именуван Доминик Раб, бившиот министер за брегзит, кој ја напушти владата на Тереза Меј поради нејзиниот договор за брегзит. За нов министер за финансии е именуван бившиот министер за внатрешни работи, Саџид Џавид.
Интересно е тоа што на списокот на членови на кабинетот се најде и Џо Џонсон, помладиот брат на премиерот Џонсон, кој е именуван за државен секретар во министерството за бизнис, енергетика и индустриска стратегија.