Јосеп Борел, Можниот наследник на Федерика Могерини, ексклузивно за „Нова Македонија“

Мајските европски избори беа важни затоа што од нивниот резултат зависеше каков тип Европа сакаме. Сакаме посоцијална, попрогресивна, позелена, подигитализирана, пообединета и посилна ЕУ, која ќе дејствува како светска сила. Наспроти своите недостатоци, ЕУ најдобро ги комбинира политичката слобода, економската благосостојба и социјалната правда

Јосеп Борел

Емиграцијата и губењето на населението што оправдано ја загрижуваат Шпанија се мошне слични феномени. Човекот секогаш си ја бара подобрата среќа. Пред неколку месеци, во Севилја, во текот на кампањата за европските избори, се потсетив на Андалузијците што ја направија Каталонија, тие што дојдоа со гладни стомаци и картонски куфери. Јас го видов нивното доаѓање кога како дете го разнесував лебот по куќите во моето село во Пиринеите. Тие се интегрираа, се збогатија и денес се дел на каталонското општество и покрај тоа што некои луѓе сакаат да ги третираат како странци во сопствената земја.

Од Шпанија за Америка си заминале многу наши земјаци, во земји како Аргентина, каде што исто така ги изградиле своите општества. Таму, во Мендоса, се родил татко ми, син на шпански емигранти, но потоа оттаму си заминал во спротивна насока, преку Пиринеите се вратил во Каталонија. Сите ние имаме во себе по еден емигрант, во потрага по подобар живот. Сите ние сме потенцијални емигранти. Демографскиот дисбаланс од двете страни на Медитеранот е сѐ поголем. Кога се родив во 1947 година, Стариот Континент и Африка го имаа приближно истото население. Денес, Африка се ближи кон 2,5 милијарди жители, а Европа има 500 милиони. Некои сакаат да го искористат стравот од другите, различните, нарекувајќи ги натрапници. „Да ги затвориме вратите“ вели италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, префрлајќи го проблемот на соседот и ризикувајќи нови давеници во Медитеранот.
Дали е можно да се затвориме кон светот, кон меѓусебната зависност? Дали можеме да се исклучиме? Да излеземе од Европа, од еврото? Цената би била превисока и оди во насока спротивна на историјата и на нашите интереси. Потребни сме си едни на други. Не треба да креваме ѕидови, ниту помеѓу Шпанците и Европејците, ниту помеѓу човечките суштества воопшто и покрај тоа што државите се дефинираат по нивните територии и што надворешните граници на Унијата треба да бидат осигурени како и слободата на непреченото движење на луѓето.
Дали сме ние Каталонците толку различни од Шпанците, како што велат некои, дотолку да не можеме да живееме заедно? Не треба да одиме спротивно на текот на историјата, не ни требаат повеќе поделбите. Но, за жал, менталните граници се поопасни од физичките. Границите што вршат сегрегација по раса, религија или пол. Против тие граници треба да се бориме. Ајнштајн велеше дека е потешко да се уништат предрасудите отколку да се дезинтегрира атомот.

Брегзит е уште еден пример на негативните ефекти на национализмот. Поради него, најстарата парламентарна демократија во светот е доведена во длабока криза. Од една страна, Британците не можат да го игнорираат референдумот и покрај тоа што многу тесно победи брегзит. Но од друга страна, не знаат како да си одат без да нанесат огромни штети врз економијата и општеството. Не си одат затоа што не ја наоѓаат излезната врата. Но исто така не би било пожелно да останат само затоа што не знаат како да си одат.
Дали реално некој би посакал да го повтори тој експеримент, со многу потешки последици, во Каталонија, која е многу поинтегрирана во Шпанија отколку што е Обединетото Кралство во ЕУ? За жал, изгледа дека некои би го сториле тоа. Живееме во еден нов свет во кој информациите се инстантни, но исто така и лагите. Сѐ потешко се разликува вистината од лагата. Порано лагите се пренесувале од човек до човек. Сега тие се шират масовно преку социјалните мрежи со неверојатна брзина.

Во Британија им кажуваа дека со напуштањето на ЕУ ќе заштедат 350 милиони фунти неделно, исто како што во Каталонија ги убедуваа луѓето дека независноста ќе им донесе 1,6 милијарда евра. Неточно во двата случаја и недоволно обелоденето. Хана Арент велеше дека најдобар протагонист за еден тоталитарен режим не е убедениот фанатик туку тој што е неспособен да ја разликува вистината од лагата. Многу точна и луцидна констатација во денешниот свет на комуникации.
Демократијата функционира врз база на мислења што се потпираат на факти. Демократијата е пред сѐ едно колективно одлучување, гласањето е само последната фаза од процесот и нема никаква смисла без претходното. Но започна создавањето на еден демагошки и плебисцитарен систем на одлучување, кој ја продлабочува социјалната поларизација, загрозувајќи ги гласањето и одлучувањето.
Случајот на брегзит претставува парадигма: една земја, која со тесно мнозинство одлучила да ја напушти ЕУ како последица на лажните ветувања заврши длабоко поделена, парализирајќи го остатокот од ЕУ. Во ЕУ, веќе три години се обидуваме да одиме напред, гледајќи во ретровизорот и на крајот Британците сепак ќе мора да организираат нов референдум.

Сите тие националистички тенденции во Шпанија и во Европа не се појавиле од ништо. Глобализацијата и кризата на еврото генерираа губитници во популарните сектори, кои осиромашени се соочуваат со загриженост во однос на иднината во која тешко се пронаоѓаат со оглед на исчезнувањето на работните места во полза на евтината работна сила во Азија или нивната замена со роботи.
Општеството е поделено на номади-космополити, кои од европската интеграција го извлекуваат сиот потенцијал, со слободното движење, Еразмус, еврото, итн., и на седентарни губитници, кои не знаат да ги искористат предностите на мобилноста.
Се соочуваме со загубата на социјалниот и економски статус на голем дел од работната класа, таканаречените губитници од глобализацијата и исто така со заканата, или чувството дека станува збор за закана, од губење на идентитетот на целото општество.
Од оваа состојба профитираат новонастанатите националпопулисти. Соочени со реални проблеми тие предлагаат лажни решенија и едно опасно национално затворање, кое исто така се потпира врз идентитетски прашања. Затоа, не е доволно да се застапуваат отворени општества туку е потребно да се градат општества со кохезија, во спротивно одиме кон затворени општества со растечки авторитаризам.

Ниту едно општествено постигнување не е иреверзибилно. Треба да се соочиме со нов работен поредок, со дигитализацијата, роботизацијата, нови моменти, кои ја најавуваат големата трансформација што нѐ очекува. Невозможно е, па дури и неморално, да се бара од оној што едвај врзува крај со крај на месецот, да размислува за крајот на светот.
Во тој нов поредок, Европа треба да знае да прави разлика помеѓу правата и стоката, една социјална Европа, која гарантира целосна вработеност во рамките на зелениот план за еколошка транзиција, да го заштити невработениот со дополнително национално осигурување и да обезбеди една заемна рамка за минимални плати.
Исто така, треба да се заштитат новите права, како на пример правото на приватноста и на заштита на личните податоци. Правата се недопирливи. Немаат цена, иако нивното практикување чини. Неолибералната десница и натаму верува дека сѐ може да биде производ на пазарот, заборавајќи ја познатата максима: „Само глупавиот не прави разлика помеѓу вредност и цена“.

Образованието претставува фундаментално право како и најдобрата инвестиција за создавање на еднаквоста. Се сеќавам дека во пекарницата на татко ми работеше еден млад емигрант од Андалузија. Беше попаметен од мене, ама јас можев да одам на студии, а тој не. Кога бев министер за финансии, еден ден тој дојде да ме види и ми објасни многу работи за патен транспорт, беше возач на камиони. Неговата интелигенција не била искористена. Моралот и ефикасноста наложуваат да не се изгуби ниту еден грам на интелигенцијата на луѓето.
Пред неколку дена, на конференцијата по повод крајот на академската година на Евромедитеранскиот универзитет во Фес (Мароко) реков дека најголемото богатство не се ниту златото ниту нафтата, туку невроните гладни за знаење на младата популација. Драматично е што мозоците на 20 отсто од децата во светот не можат да се развијат поради тоа што имаат недостиг од храна. Каква тешка и болна загуба за човештвото!

Европскиот проект и натаму ќе биде клучен за нашата иднина. Можеме колку сакаме да ги критикуваме недостатоците на Европа, но неоспорно е дека ако не би постоела ЕУ, би требало да ја измислиме, особено во овој нов свет на големите сили, кои се натпреваруваат без комплекси. Затоа што и покрај своите недостатоци, успехот на ЕУ е во фактот што станува збор за голем систем што ја регулира глобализацијата со соодветната димензија потребна за наоѓање решенија на глобалните проблеми како што се мигрантите, еволуцијата на дигиталната економија, заштитата на граѓаните во хаотичната глобализација и безбедноста во стратегиски нестабилното време.
Во светот што доаѓа, како и во тој што е веќе тука, големината е важен фактор. Се вели дека Европа има мали и големи земји, но всушност сите се мали само што тоа уште не го разбрале. Дали може Германија, со своите осумдесет милиони жители, да се натпреварува со Кина и нејзините 1,3 милијарда жители, исто толку колку што ќе има Индија за неколку години?
Европската фирма „Ербас“ го доби спорот со американскиот „Боинг“ со пресуда на судот на Светската трговска организација додека ЕУ успеала да им воспостави високи глоби на „Епл“ и „Гугл“ поради нелојална конкуренција и неплаќање данок. Дали би можеле самите да го направиме тоа – Шпанија, Германија или Франција? Дали би можеле да ја повлечеме војската од Ирак без заштита на еврото? Што би се случило со пезетата? Како би можеле да имаме еквилибрирани односи со Кина, ако не како Европејци?

Големите континентални економски сили ја доминираат глобализацијата, поради својата демографска тежина, продуктивниот и технолошки потенцијал, како што е случајот со Кина, Индија, САД, Русија или Бразил. Но исто така поради својата воена сила. Во меѓувреме, Европа ќе биде најоштетена од трката за наоружување помеѓу Русија и САД. Европа исто така би била оштетена од трговската војна во светски рамки. За да не биде така, Европа мора да биде уште пообединета, да биде посилна и да биде актер во глобализацијата. Потребен ни е европски капацитет за да се заштитиме од хибридните закани, како што се сајбер-нападите и лажните вести пропагирани од антиевропските движења поддржани од одредени странски сили.
Во европската интеграција, не станува збор за губење суверенитет, туку за споделување на истата таа заради поголемо влијание во светот, за да се биде поефикасен во решавањето на проблемите, кои ги надминуваат границите на државите-членки. Во ерата на мондијализацијата, за ништо или за сосема малку служи сувереноста.

Европските избори од 26 мај 2019 година беа важни затоа што од нивниот резултат зависеше каков тип Европа сакаме (за среќа, евроскептиците и еврофобите освоија многу помалку гласови отколку што се плашевме). Сакаме посоцијална, попрогресивна, позелена, подигитализирана, пообединета и посилна ЕУ во глобалниот свет, способна да дејствува со логиката на светска сила. За нас Европејците во прашање е нашиот опстанок како цивилизација. Наспроти своите недостатоци, ЕУ најдобро ги комбинира политичката слобода, економската благосостојба и социјалната правда.

Авторот е министер за надворешни работи на Шпанија и е номиниран за функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика