Оваа година може да биде посебна за европско-африканските односи бидејќи агендата на самитот на европските и африканските лидери, кој треба да се одржи во Котону, е токму економската соработка меѓу двата континента, што, според експертите, може да израсне во ново неразделно партнерство

Црниот Континент станува ново поле на геостратегиски интерес

Додека Европската Унија се чувствува сѐ уште изневерено од Велика Британија и истовремено загрозена од Русија и од Кина, Европската комисија, преку воспоставување тесни економски односни, но и подобри безбедносни релации во однос на пандемијата и миграцијата со африканските земји, согледува ново пријателство во својот јужен сосед Африка. Ова, меѓу другото, го наведува угледниот магазин „Еурактив“ во својата последна анализа, која се осврнува на сѐ позачестените посети на високите европски челници на лидерите на африканските земји. Како што пишува магазинот, во изминатиот временски период од четири години, во кој ЕУ имаше внатрешна амбивалентност кон односите со земјите од африканскиот континент, периодов тоа се претвора во сосема поинаква слика, каде што главниот фокус на надворешната политика на Брисел сега повторно се насочува кон Африка.
Најновиот обид за воспоставување блиско партнерство меѓу ЕУ и Африка дојде откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја презеде функција и вети дека ќе се залага за една погеополитички насочена комисија и побара „нова сеопфатна стратегија“ за Африка.

Европа најрелевантен трговски партнер на Африка

Џовани Карбоне, од меѓународниот институт за политички студии (ИСПИ) и Миланскиот универзитет, за магазинот „Еурактив“ дава своја анализа во која смета дека на Европејците им се потребни африканските држави како сојузници во мултилатералните форуми, како партнери во справувањето со миграцијата и како можности што ги нудат нивните пазари во развој. Од друга страна, на Африка ѝ е потребна Европа како најрелевантен трговски партнер, инвеститор и донатор, како и поради нејзините клучни и директни улоги во напорите за безбедност и стабилност на континентот.
– Покрај историските и географските врски или економските можности, некои клучни глобални прашања исто така ја наложуваат европско-африканската соработка, особено во поглед на миграцијата, климатските промени и борбата против насилниот екстремизам – вели Карбоне.
Во меѓувреме на почетокот од оваа година, ЕУ предложи нова стратегија за односите со Африка. Во стратегијата, која беше објавена на почетокот од годинава, категорично се предвидува нов „политички сојуз“ за двете страни на Медитеранот за да се соочат заеднички глобалните предизвици преку здружени иницијативи, поддржани како мнозински блок во меѓународните форуми, кога тоа ќе биде потребно. Но сепак, на апелот не се одговори поради почетокот на пандемијата на ковид-19.

Пет столба на партнерството

На оваа тема „Политико“ пишува дека сепак во периодот што следува се очекува со одговорот на Африка за петте партнерства предложени од страна на шемата на Брисел, кои се однесуваат на зелената транзиција и пристапот до енергија, на дигиталната трансформација, одржливиот развој и отворањето нови работни позиции, мирот и управувањето, миграцијата и мобилноста, да се усвојат. Сите генерално се изградени на добровоспоставените полиња на соработка меѓу двете страни, со делумен исклучок на „зелената транзиција“ и релативно новата „дигитална трансформација“. Сепак има и одредени реакции за миграцијата и трговијата, пишува магазинот.
Во исто време, како што наведува магазинот, интересно е што дипломатите од ЕУ стравуваат дека поддршката што ја имаат Русија и Кина кај многу африкански земји, заедно со добрите релации што ги имаат со Африка, ќе придонесе тие да добијат поголем збор во однос на воспоставувањето на нормите и правилата за интернет во Африка. Друг фактор од кој стравува ЕУ е и фактот што Русија ги зголемува своите напори во агресивно градење воени бази и воспоставување безбедносни врски со африканските земји, како Централноафриканската Република, но и од неодамна со Либија.

Сепак, како што наведува „Политико“, клучни и мотивациски причини за поблиски врски на ЕУ со африканските земји, покрај економските, се и проблемите со миграцијата и безбедноста. Тука Италија и Шпанија го притискаат Брисел да работи повеќе со африканските земји на воспоставување тесни врски, преку кои би се контролирале и разменувале информации за евентуално пристигнување нови мигранти во Европа.
Сепак со ова ЕУ се надева дека преку одржување почести блиски врски со државите од Африка, но и преку најавите за инвестициски капитал на континентот, од една страна, Африка ќе привлече поголемо светско внимание од големите сили во насока за нејзина помош и развој, а од друга страна, ЕУ ќе биде повлијателна преку политичкиот капитал, кој подоцна Африка не би можела да го игнорира, како и потребите на Унијата кон неа.