По двегодишни честопати вжештени дебати, Европскиот парламент денеска ги усвои новите правила за авторските права, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Европскиот парламент ја усвои директивата за авторски права со 348 гласови „за“ и 274 „против“. Текстот, кој во рок од две години ќе мора да биде пренесен во националното законодавство на сите земји членки на Унијата, ги усогласува правата на интелектуална сопственост на 27-те земји членки.

Но, директивата, исто така, предвидува и воведување на нови обврски, кои се однесуваат многу директно на главните платформи на Интернет. Член 17 (претходно член 13) бара платформите, како Јутуб, да склучуваат договори со носителите на права за кои треба да бидат платени кога корисник ги објавува на платформата за кои тие имаат права.

Без договор, платформата може да биде одговорна за објавување на заштитени дела на нејзината мрежа, што е построго на пример во споредба со сегашната француска законска одредба. За да се избегне оваа зголемена одговорност, платформите се охрабруваат да имплементираат автоматски механизми за откривање и отстранување на содржини. Алатки од овој тип веќе постојат на Јутуб или Фејсбук, но противниците на оваа директива се плашат дека тоа подразбира широко распространето филтрирање на содржини објавени на Интернет.

Друга главна точка на расправија изминативе години беше член 15 (поранешен член 11), кој предвидува дека онлајн платформите им плаќаат издавачите на содржините што ги користат. Ова право на наградување, најчесто споменато како „соседско право”, ќе трае две години по објавувањето на статијата. Исклучок, прилично нејасен, е обезбеден од текстот за содржина што не надминува „неколку збора”.

Овие два члена беа предмет на жестоки дебати помеѓу претставниците на носителите на правата и издавачите, кои го бранеа усвојувањето на оваа директива, големите Интерент компании, како и организациите за заштита на дигитални слободи, кои беа против овој предлог.