Јапонските власти наредија евакуација на речиси 800.000 луѓе од јужниот остров Кјуш на безбедни места поради закани од лизгање на земјиштето по обилните врнежи.

Во некои делови на островот од петокот паднаа и до илјада милиметри дожд, додека метеоролозите прогнозираат нови врнежи денес, објави НХК.

– Локалните жители треба да преземат одредени чекори за да ги заштитат животите, вклучувајќи ја и превентивната евакуација – рече јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Тој исто така нареди и армијата да се подготви за евентуални спасувачки операции.

Абе минатата година беше критикуван поради бавниот одговор на владата на поплавите во кои загинаа повеќе од 200 луѓе.