Гувернерите на Џорџија и Јужна Каролина наредија евакуација на населението поради ураганот „Доријан“, кој се приближува кон овие сојузни американски држави.

Гувернерот на Џорџија, Брајан Кемп, нареди задолжителна евакуација во неколку окрузи. Евакуацијата би требало да почне напладне по локално време, а се однесува на окрузите Брајан, Камден, Чатам, Глин, Либерти и Мекинтош.

Околу 54.000 луѓе живеат на брегот на оваа држава.

Задолжителна евакуација нареди и гувернерот на Јужна Каролина, Хенри Мекмастер и тоа за цело крајбрежје, што значи евакуација на 830.000 жители и оваа евакуација треба да почне напладне по локално време.

И властите на Флорида наредија задолжителна евакуација во некои загрозени крајбрежни делови.

Ураганот „Доријан“ кој синоќа беше прогласен за ураган од петта најсилна категорија, вчера дојде до копно на островот Абако, каде властите пријавија катастрофални услови, како и удари на бурата од 290 километри на час. Жителите на овој остров пријавија дека им се уништени домовите, а поплавени се патишта и откорнати се дрвја насекаде.

Невремето се движи кон запад со брзина од 5 километри на час.

Во меѓувреме, нова тропска бура се формира југозападно од Мексико и се очекува денеска да стане ураган.