Филипинскиот претседател Родриго Дутерте изјави дека ќе поднесе оставка на претседателската функција, доколку некој успее да му докаже дека постои Господ, јави ДПА.

Дутерте на јавен собир изјави дека би сакал да се појави барем еден човек што ќе дојде и ќе му потврди дека бил во Рајот и разговарал со Господ.

– Ми треба само еден човек да ми каже дека навистина постои Господ, Да каже: Имам фотографија, имам селфи со Господ. Од милијарди (луѓе), ми треба само еден. И дами и господа, доколку има таков, ќе објавам дека поднесувам неотповиклива оставка – изјави филипинскиот претседател.

Дутерте пред две недели предизвика јавен бес во Филипините, каде околу 80 проценти од жителите се католици, откако изјави дека „Господ е глупав“, оспорувајќи ја логиката на неговата одлука, според Библијата, во врска со Адам и Ева.

– Адам го изел (јаболкото на спознанието) и потоа му се појавиле зли мисли. Каков е тој глупав Господ? Создал нешто совршено и потоа смислил настан за да го искуша и да го уништи својот труд, изјави Дутерте на 22 јуни во обраќање во неговиот роден град Давао, при обидот да го објасни својот став зошто не верува во ниту една религија.

Дутерте во минатото често ја критикуваше Католичката црква, обвинувајќи ја за корупција и за сексуални злоупотреби од страна на свештениците. Тој во една прилика призна дека и самиот како ученик бил изложен на сексуален напад од страна на свештеник.