Претседателот на Филипини Родриго Дутерте ја почна посетата на Израел со говор пред филипински работници во Ерусалим, во кој им се извини за она што го рече за поранешниот американски претседател Барак Обама, но ја бранеше неодамнешната „шега за силување“.

Тој синоќа допатува во Израел во посета која многумина ја осудија, меѓу другото, и поради неговото споредување со Хитлер, коментираат израелските медиуми.

– Мора да се има почит. Не само да се расфрлува со прашања и изјави. Жал ми е што ги изговорив тие зборови – рекол Дутерте синоќа, а неговите зборови ги пренел еден новинар од Манила.

Претседателот на Филипини исто така рекол дека Обама му простил, но остана нејасно зошто избра во Израел да зборува за тоа како го навредил поранешниот американски претседател.

Тој исто така ги спомнал и своите неодамнешни изјави дека ќе има многу силувања „ако има многу убави жени“, велејќи им на насобраните дека се шегувал, но оти ја користел слободата на говорот во демократијата.

Во Израел работат околу 30.000 Филипинци и Дутерте рече дека тоа е единствена земја на Блискиот исток во која се почитуваат човековите права.