Со едноставните беспилотни летатала, конфликтите стануваат примамливи и евтини

Автор: Џејсон Лајол

Форин аферс

Светот влезе во ера на војни со дронови. Во четири големи меѓудржавни војни во последните пет години, во Либија, Нагорно Карабах, Сирија и во Украина, вооружените дронови играа главна, ако не и одлучувачка улога. Сепак, дебатите за дроновите сè уште се фокусираат на нивната употреба против недржавни актери, како талибанците, или шпекулациите за нивната можна улога во војните меѓу САД и блиските конкуренти, како Кина. Овие дискусии натераа многу експерти да донесат заклучок дека дроновите се толку сложени и ранливи за да имаат ограничена употреба или важност во војните меѓу државите. Некои набљудувачи тврдат дека дроновите дури можат да промовираат меѓународна стабилност на тој начин што државите не би сакале толку често да ескалираат конфликт ако се собори дрон, наместо авион со пилот.

Но сè повеќе докази укажуваат на еден повознемирувачки тренд. Евтините, но отпорни дронови во комбинација со оклоп и артилерија, им нудат на војските вистински предности. Четири скорашни конфликти во кои се користеа дроновите, покажуваат дека дури и најскромните уреди можат да помогнат во воената победа и да ја променат геополитиката. Дроновите станаа дел од арсеналите на повеќе држави, со тоа што бројката се искачи од осум во 2015 година на 20 држави денес, па нови актери имаат шанса да ја искористат можноста што ја нудат за да приграбат територии или да разгорат претходно замрзнати конфликти. Владите и аналитичарите треба добро да размислат за улогата што овие оружја можат да ја играат всушност во зголемувањето на ризикот за меѓудржавно насилство.

Експертите одамна веруваа дека офанзивните оружја се дестабилизирачки, затоа што тие ги намалуваат трошоците за освојување додека ги зголемуваат безбедносните стравови меѓу можните цели. Вооружените дронови уште повеќе ја развиваат оваа идеја. Беспилотните летала се значително поевтини од стандардните пилотски авиони, а војските можат да ги испраќаат на ризични мисии без страв од губење на воен кадар. Покрај тоа, поради тоа што дроновите се евтини, државите можат да ги набават во доволно голем број за брзо да спроведат напад врз непријателската одбрана. Војските веќе користеа десетици дронови во неодамнешните војни, а во конфликтите во иднина веројатно ќе се користат илјадници, ако не и десетици илјади за уништување или онеспособување на противничките сили пред тие да можат да дадат одговор. Дроновите станаа многу попосакувана опција затоа што успеаја да го променат начинот на војување на бојните полиња. Накратко, дроновите во реално време го ревидираат современиот начин на војување.

Вооружените дронови сепак не се непобедливи. Всушност тие се ограничени, па дури и примитивни – подложни на блокирање на нивните радари, поврзаност со нивните воздушни бази и често пати се принудени да се приземјат заради неповолните временски услови. Со тоа што имаат ограничен капацитет за товар, дроновите како „тб2“ имаат краток дострел од само 150 километри од контролните бази или комуникациските станици. Аналитичарите треба да одолеат на искушението да ги преувеличат ефектите на вооружените дронови: овие летала не предизвикуваат конфликти, колку што ги овозможуваат. Но набљудувачите не треба да го занемарат нивниот дестабилизирачки потенцијал. Едноставните беспилотни летала им помогнаа на државите да ги надминат долгогодишните ќор-сокаци. Вооружените дронови во иднина, поттикнати од брзите иновации во комерцијалниот сектор, најверојатно ќе се покажат како уште поефикасни.

Некои земји веќе инвестираат во системи за борба против дронови, но овие технологии се само во почетна фаза. Одбраната се труди да фати чекор додека офанзивата напредува на боиштата. Оние држави кои инвестираат во вооружени дронови ќе се соочат со големото искушение да ги обноват територијалните конфликти кои тлееле или да бараат нови поволни околности во оние кои се нашле во ќор-сокак. Внесува страв тоа што од десет држави за кои се предвидува дека ќе набават вооружени дронови, девет се заробени во долгогодишни територијални спорови или водат меѓународни војни. Меѓународниот систем наскоро може да се соочи со нова рунда на конфликти поттикнати од широката употреба на вооружени дронови.

Превод: Билјана Здравковска