Шпанската полиција бара начин на површината да ја извлече подморницата на која, како што се претпоставува, се наоѓаат неколку тони кокаин. Подморницата е пресретната за време на викендов во северозападниот дел од Шпанија.

Официјално лице за шанските медиуми изјави дека полициски нуркач успеал да влезе во подморницата и да изнесе пакет со кокаин. Според наводите на шпанските медиуми, на подморницата би можело да има околу три тони кокаин, но оваа информација не е потврдена.

Според зборовите на изворот, двајца членови на екипажот од подморницата кои се од Еквадор, биле уапсени вчера, откако полицијата тргнала во потера на подморницата, додека третиот избегал. Подморницата е на длабочина од околу шест метри, а лошите временски услови го отежнуваат извлекувањето.

Шпанската полиција во координација со силите од други земји, неколку дена го следела движењето на подморницата. Не е познато од каде дошло пловилото, но според наводите на медиумите, постојат сомнежи дека тргнало од Колумбија.