Дојде време за украинскиот комичар кој стана претседател на државата да стане сериозен. Големата победа на Владимир Зеленски и неговата партија на парламентарните избори во Украина ќе му овозможи на неискусниот политичар подобри можности да ги спроведе реформите што ги вети за време на претседателската кампања, објави „Политико“.

Украинците уште еднаш ја покажаа својата доверба и поддршка за Зеленски, за кој се надеваат дека ќе ја однесе земјата на нов пат. Доказ за големата доверба е и бројката на пратенички места во парламентот за неговата партија Слуга на народот. Тие освоија повеќе од 250 места, во парламент каде има место за вукпно 424 пратеници.

Широкото мнозинство го става Зеленски во добра позиција на домашната политичка сцена, во време кога тој на надворешен план преговара и со источните и со западните сили за да ги спроведе ветувањата кои ги даде на исфрустрираното и нетрпеливо гласачко тело, кое сега очекува промени.

– Зеленски ќе треба да делува брзо ако сака да ги спроведе ветувањата и да ја репрограмира Украина на нов пат – пишува во анализата на „Политико“.

Анкетите покажуваат дека на Украинците им се важни три работи: крај на војната во Донбас, суштински реформи во борбата против корупцијата и подобрување на животниот стандард за обичните граѓани.

Можеби најголемиот предизвик за новиот претседател ќе биде неговата голема кампања за директни преговори со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на конфликтот во Донбас.

– Во овој момент, не може да се даде точна проценка дали неискусниот Зеленски и неговата партија ќе ги спроведат ветувањата. Но, по сите случувања во земјата, народот во Украина има право да биде нетрпелив – завршуваат од „Политико“.