Ураганот Доријан стигна до атлантскиот брег на Канада, носејќи со себе силни поројни дождови и силни ветрови, поради што без струја останаа повеќе од 300.000 луѓе.

Невремето стигна во Канада откако остави пустош на бреговите на Северна Каролина.

Жителите на Нова Шкотска се подготвија за обилни врнежи и можни поплави долж брегот, додека властите во главниот град на провинцијата Халифакс ги повикаа луѓето да ги сoберат тешките предмети, кои за време на силните ветрови би можеле да станат проектили.

Во центарот на Халифакс ветрот собори кран, кој се урна на станбена зграда во изградба. Во јужниот дел на градот се урна покрив на станбен комплекс, а неколку згради се евакуирани.

„Ројтерс“ пренесува дека властите ги повикале луѓето кои живат во близина на брегот да се евакуираат и дека најавиле дека по бурата ќе ја испратат војската да помогне во обновата.

Доријан сега е во категорија на многу интензивна пост-тропска бура, а јачината на ветрот била 150 километри на час, што е еднакво на ураган од втора категорија, соопшти Канадскиот центар за урагани.