Решеноста на Јапонија да воведе рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот на тамошните граѓани е доведена во прашање откако одреден јавен службеник беше казнет поради неговата навика да заминува на пауза за ручек неколку минути порано од предвиденото, пренесува британски „Гардијан“.

Станува збор за 64-годишен маж вработен во водоводот на Кобе, кој беше казнет и прекорен откако беше утврдено оти го напуштал работното место три минути порано од предвидената пауза за ручек, во 26 наврати во текот на период од седум месеци.

Згора, раководството на компанијата јавно се извини на прес-конференција која беше пренесувана на телевизија, поради однесувањето на вработениот што го окарактеризираа како „жално“. Водечките луѓе на компанијата се поклонија во знак на извинување пред камерите.

Јапонските медиуми известија за случајот откако тамошните пратеници усвоија закон чија цел е справување со долгите работни часови во земјата на изгрејсонцето. Во рамките на законот беше усвоена дозволена граница за прекумерната работа од 100 часа месечно. Повод за законот претставуваше зголемувањето на бројот на случаите на „кароши“, што е термин за смрт како резултат на прекумерна работа.