Иран се изјасни дека не тежнее кон војна против која било нација, откако САД соопштија дека дополнителни илјадници трупи ќе бидат испратени на Средниот Исток поради зголемените тензии, пренесува „Гардијан“.

Потегот на САД, кој беше соопштен од актуелниот министер за одбрана, Патрик Шанахан, е резултат на обвинувањата на САД дека Иран ги нападнала двата нафтени танкера минатата недела, што ги зголеми стравовите за пресметка.

Шанахан изјавил дека распоредувањето на трупите било од одбранбени причини, искажувајќи ја загриженоста од можна закана од Иран.

– Неодамнешните напади од Иран ги потврдија сигурните и веродостојни информации кои ги примивме од разузнавачките служби, за непријателското однесување од страна на иранските сили и нивните групи кои ја загрозуваат безбедноста на САД и интересите на целиот регион – изјавил тој.

На ова, иранскиот претседател, Хасан Рохани, денеска одговори дека Иран нема желба за конфликт.

– Иран не тежнее кон војна против која било нација. Оние со кои се соочуваме се група на политичари со мало искуство. И покрај целиот труд на Америка во регионот и нивната желба да ги отсечат нашите врски со останатиот свет, за да го задржат Иран затскриен, тие не успеаја во тоа – изјавил Рохани во неговиот говор кој се емитуваше во живо на националната телевизија.