Од нов систем на препораки, па до локални карантини, европските држави ги зајакнуваат мерките за спречување на новиот бран на ковид-19. Во меѓувреме се бележат највисоките бројки на дневно заразени лица, а кумулативните случаи надминаа седум милиони досега. Според најновите податоци од Светската здравствена организација (СЗО), заклучно со четврток, Европа регистрира 90.460 новозаразени со ковид-19 само за 24 часа, со што бројот на вкупно инфицирани досега се зголеми на 7.104.965 случаи

Нов сет мерки за спречување на трансмисијата на ковид-19 во Европа

Во изминатите неколку недели голем број европски држави забележаа остра нагорна крива на раст на новозаболени од ковид-19, со тоа што некои од нив дури и достигнаа дневни рекорди како во екот на пандемијата, која започна на почетокот од годинава.

Како е во најпогодените земји на ЕУ

– Франција, која е една од најсилно погодените во Европа, со 26.896 случаи во еден ден регистрирани на 10 октомври достигна рекорд од почетокот на пандемијата. Ова е во силен контраст со просечните дневни случаи од околу 4.500 заразени во првата половина од април, кога коронавирусот земаше замав, а болниците почнаа да се полнат.
– Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека бројот на случаи во неговата државата четирикратно се зголемил во изминатите три недели и дека во болниците биле примени поголем број лица со респираторни заболувања откако државата беше ставена во карантин во март. Велика Британија регистрира 14.446 нови случаи во последните 24 часа, со тоа што вкупниот број на досега заболени се искачи на 618.920.
– Германија, која важеше за добар пример во справувањето со ковид-19 во Европа, забележа 6.638 случаи во изминатите 24 часа, со тоа што до четвртокот има вкупно 341.223 регистрирани заболени од коронавирус. Минатата недела дневниот број на заразени нагло порасна, со тоа што нов рекорд од над 4.000 случаи беше забележан на 8 октомври.

– Со население од околу 11 милиони жители, Белгија регистрира „речиси експоненцијален раст“ во бројот на случаи на ковид-19, односно со вкупен број на 162.258 регистрирани случаи. Националниот институт за јавно здравје регистрира дневен просек од 4.154 случаи во изминатите седум дена, што е зголемување од 89 отсто во однос на претходната недела. Националниот центар за кризи во понеделникот процени дека државата би можела да достигне 10.000 нови случаи дневно до крајот на оваа недела.

Ограничувања, ограничувања…

Среде новиот бран на зголемување на случаите, европските земји ги заоструваат рестрикциите за да го ограничат ширењето на коронавирусот, така што неколку големи земји воведоа нови мерки.
– Британскиот премиер Џонсон соопшти дека во цела Англија ќе се воведе нов систем за тревога на три нивоа. Според новите правила, државата ќе биде поделена на ниско, средно и високоризични категории. Во областите со „висок ризик“ ќе бидат затворени пабовите, вежбалниците, баровите и казината, а ќе бидат дозволени само неопходните патувања.
– Нагласувајќи дека Франција е во силен втор бран, францускиот премиер Жан Кастекс порача дека неговата влада може да ги замисли сите сценарија, вклучувајќи и локален карантин, за да се забави брзото ширење на вирусот и да се избегне притисок врз здравствените институции. Тој исто така најави дека новата верзија на апликацијата за следење на заразените со коронавирус „Стоп ковид“ ќе биде претставена на 22 октомври.
– Со кумулативен број на 359.569 случаи, Италија е подготвена да воведе нови рестрикции на социјалниот живот. Министерот за здравство Роберто Сперанца соопшти дека новите правила ќе вклучуваат ограничување или целосна забрана за домашните забави, како и забрана за луѓето да се групираат надвор од баровите, клубовите и продавниците.

– Хрватска соопшти дека носењето маска е задолжително во сите јавни затворени простори каде што не може да се одржи минималното растојание од два метри.
(Според СЗО, заштитните маски треба да се дел од сеопфатниот сет на мерки за спречување на трансмисијата на ковид-19 и за спасување животи. Од почетокот на пандемијата на ковид-19 на почетокот од оваа година, носењето маски широко беше прифатено во азиските земји како Кина, Јужна Кореја, Јапонија и Виетнам.)
– Чешката влада истакна дека ќе воведе поголеми рестрикции за да го спречи ширењето на вирусот откако државата прогласи кризна состојба минатата недела. Според новите правила, почнувајќи од среда, сите видови училишта, освен градинките, ќе бидат затворени во државата до 1 ноември. Рестораните, баровите и клубовите ќе бидат затворени до истекот на кризната состојба на 3 ноември, а забрането ќе биде консумирањето алкохол на јавни места.