Ако избие конфликт меѓу државите со оружје во орбитата, пристапот до вселената може да биде загрозен за сите

Автор: Рамин Скиба

Атлантик

На 22 април по неколку неуспешни обиди, корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран соопшти дека успешно бил лансиран она што го опиша како сателит за воено извидување. Сателитот беше додаден на листата на оружја и воени системи во орбитата, вклучувајќи ги оние од Русија (која во април тестираше ракетна програма за уништување на сателити) и од Индија (која лансираше антисателитски оружја лани во март).

Експертите како Брајан Виден, директорот на програмата за планирање во Фондацијата за безбеден свет (СВФ), која е независна експертска група во Брумфилд, Колорадо, е загрижен дека ваквиот развој на настаните, потврдено со новоформираните Вселенски сили на САД, е закана дека конфликтите на Земјата можат да се префрлат во вселената и да за ги загрозат сите вселенски, мировни и воени активности. Истражувачите во СВФ и во Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС), кој е независна експертска група од Вашингтон, објавија годинашни извештаи за брзиот развој на состојбата. Извештајот посочува дека најголемите играчи во вселената ги зајакнале нивните воени капацитети, вклучувајќи и оружја за уништување на сателити и технологии кои можат да ја нарушат работата на вселенските летала, на пример, со блокирање на прибирањето на податоци или трансмисијата.

Повеќето од овие технологии, ако се употребат, можат да ја забрзаат трката за вооружување и дури да предизвикаат судир во вселената, како што предупредуваат истражувачите од СВФ и од ЦСИС. Со уништувањето на еден сателит се расејуваат неговите остатоци во атмосферата, како што посочи Виден кој е коавтор на извештајот. Таква експлозија може да исфрли проектили во насоката на движење на други вселенски летала и да го стави под ризик пристапот до вселената за сите.

Денес, Дејвид Бурбеч, експерт по национална безбедност на американскиот Поморски воен факултет во Њупорт, Роуд Ајленд, смета дека светот е многу поразличен од ерата на Студената војна кога пристапот до вселената беше строго ограничен на САД и на Советскиот Сојуз. Сè повеќе држави сега имаат вселенски програми, меѓу кои Индија, Иран, Северна Кореја, Франција, Јапонија и Израел.

И покрај ваквата експанзија и широкиот спектар на нови вселенски оружја, се чини дека стагнираат релевантните политики и регулаторните тела.

– Она што нè загрижува во меѓународната заедница е што не постојат некакви бариери за тоа како луѓето ќе почнат да се мешаат во туѓите вселенски системи. Не постојат никакви правила за примена на оружје – посочи Даниел Порас, соработник за вселенска безбедност на Институтот за истражување на разоружувањето на ООН во Женева.

Новите извештаи користат достапни податоци и разузнавачки материјали за да истражуваат каков спектар на оружја развиваат или тестираат разни национални армии, или веќе ги имаат ставено во функција (извештајот на ЦСИС не ја вклучува американската војска). Секоја држава има посебни капацитети и карактеристики. На пример, Индија силно вложи во вселенска инфраструктура и капацитети додека јапонските вселенски активности по Втората светска војна беа ограничени сè до неодамнешната промена во нејзиниот устав. Според Виден, многу малку податоци се достапни за израелската вселенска програма.

На пример, илјадници сателити кои секојдневно се движат во ниската орбита на Земјата под висина од 1.900 километри, можат да нанесат колатерална штета. Повеќе од половина од тие сателити се на САД, а најголем дел од останатите се на Кина и на Русија. Тие играат клучна улога во обезбедувањето на пристап на Интернет, емитување на џи-пи-ес сигнали, обезбедуваат комуникации на големи далечини и даваат информации за временската состојба. Секој проектил што би уништил сателит, како дел од напад или тест, ќе предизвика расејување на илјадници остатоци во вселената. Ако некое од овие парчиња се движи со орбитална брзина тогаш може да уништи друго вселенско летало и да предизвика дополнителен вселенски отпад.

Голем број на земји развиваат нови воени технологии за вселената. На пример, Франција работи на ласерски зраци кои можат да збунат сателит на друга држава и да го спречат во правењето фотографии на класифицирани цели. Северна Кореја проучува како да ги наруши радиофреквентните сигнали испратени до и од сателитите, а Иран работи на сајбернапади кои можат да предизвикаат пречки во сателитските системи. Во меѓувреме, трите најголеми вселенски играчи, како САД, Русија и Кина, веќе ги имаат разработено сите три пристапи, според извештајот на СВФ.

Големата тројка исто така почна да го усовршува она што извештаите го нарекуваат „операции на пресретнување и близина“ кои опфаќаат користење на сателити како уреди или оружја за следење. Сателитот може маневрира во близина на ривалски таен сателит и да направи фотографии и да ги испрати долу на Земјата или сателитот може да му се доближи на друг и да ја наруши работата на леќите или да ги прикрие соларните панели со што ќе му го прекине напојувањето со струја и на тој начин ќе нема никаква функција. Русија можеби е најнапредна во оваа технологија бидејќи веќе спроведе операција со мали „инспекциски сателити“, како што ги нарекува руската влада.

Досега постојат релативно мал број на меѓународни политики или стандарди околу тоа што е дозволено денес во вселената. Извештајот на СВФ истакнува дека некаква несреќа или недоразбирање може да доведе до ескалирање на тензиите ако се смета за напад. Недостигот на препораки остава простор за разни активности.

ООН и другите меѓународни групи, меѓу кои и СВФ и Вселенскиот институт кој е истражувачка организација со седиште во Британска Колумбија, работат на случајот да избегнат вакви сценарија. Виден посочи дека сè додека државите не лансираат деструктивни вселенски оружја во близина на вселенските летала на другите држави, спроведуваат јасно провокативни тестови или ја нарушуваат работата на клучните сателити, тогаш треба да продолжат мирните вселенски активности. Како што тој истакнува, засега државите само тестираа ракети на нивните нефункционални сателити, а беа изведени вежби против вселенските летата на другите држави но без причинување на штета.

Превод: Билјана Здравковска