Како голема бура, предизвикана од спротивставени струи, кризата во Персискиот Залив секојдневно сѐ повеќе добива интензитет и ја зголемува својата разурнувачка моќ. Но предупредувачките знаци се појавуваат веќе неколку месеци и, за жал, повеќето беа игнорирани. Допрва следува големата сметка, измерена во човечки животи и долари, за повеќето невнимателни политички потези. Како може да се избегне катастрофата? Кој може да го запре преминувањето во поголема војна, која набрзина може да ги повлече регионалните држави од Израел до Саудиска Арабија, и да ги вовлече американските, британските, па дури и руските сили? Одговорот може да се најде во грешките што доведоа до оваа ситуација.

Прво, земете ги Доналд Трамп и Иран. САД го сметаат за закана режимот во Техеран уште од револуцијата во 1979 година. Но, токму Трамп, со неговата неверојатна способност дополнително да ги влоши работите, го уништи иранскиот нуклеарен договор на 8 мај минатата година, воведе казнени економски санкции и предизвика инстант криза. Тој повеќе го претпочиташе советот на доскорешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, отколку личните апели и повици од Ангела Меркел и Емануел Макрон. Тоа, пак, доведе до обединување на поделеното иранско раководство, па, така, сега воените и религиозните тврдокорници ја преземаат борбата против нивните непријатели, првенствено Саудијците и Израелците.

Потоа, неуспехот на американските и на британските лидери да ја запрат катастрофалната саудиска војна во Јемен означува уште една фаза во оваа надолна спирала. Игнорирајќи ги воените злосторства, тие продолжуваат да обезбедуваат оружје, совети и дипломатска заштита за Ријад. За разлика од почетокот на јеменската војна, кога имаше едвај забележливо иранско мешање, сега Техеран очигледно ги снабдува бунтовници со дронови, ракети и мини што беа употребени во нападите на саудиските нафтени полиња, танкери и аеродроми, заклучува „Гардијан“.