Гизлејн Максвел сексуално злоставувала малолетни девојки и му се придружила на Џефри Епстајн во присилувањето на една од девојките, Вирџинија Робертс, на сексуални односи, се тврди во документите кои беа отворени во рамки на судскиот процес во САД, пренесува „Гардијан“.

– Таа ме подготвуваше да бидам сексуална робинка – се наведува во сведочењето на Робертс.

Документите беа дел од спогодбата во цивилната парница против британската џетсетерка и вклучуваат тврдења за нејзината наводна вмешаност во мрежата на Епстајн за секс-трговија.

Документите потекнуваат од цивилна тужба против Максвел покрената од страна на Робертс, која тврдеше оти Британката ја намамила во кругот на Епстајн додека била тинејџерка, нудејќи и работа како масерка.

Робертс тврди дека Епстајн и Максвел вршеле притисок за таа да има сексуални односи со повеќемина богати јавни личности, вклучувајќи го принцот Ендрју, американски политичари, богати претприемачи, со познат научник и еден моден дизајнер.

Максвел и обвинетите мажи во повеќе наврати ги отфрлија овие тврдења.

Документите вклучуваат размена на мејлови помеѓу Епстајн и Максвел како и информации од разговорот помеѓу Робертс и нејзиниот адвокат.

Неодамнешното апсење на Британката Гизлејн Максвел во САД претставува значителен развој во истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн и на дел од луѓето од неговите кругови, по самоубиството на богатиот финансиер во неговата затворска ќелија во Њујорк, минатата година. Светските медиуми наведуваат дека Максвел била блиска со Епстајн кој имал голема доверба во неа, а според одредени информации тие биле и во романтична врска.

Епстајн и Максвел беа познати по нивниот друштвен живот воден меѓу џет-сетот на моќниците од светот на политиката, уметноста, забавната индустрија и науката. Има шпекулации околу можните сознанија на Максвел за активностите на нивните моќни пријатели.

Епстајн имаше познанства со голем број на политичари, бизнисмени и славни личности, меѓу кои се спомнуваат актуелниот американски претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, британскиот принц Ендрју, актерот Кевин Спејси…

Познатиот бизнисмен беше обвинет дека предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен во јули минатата година на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Осрамотениот Епстајн си го одзема животот во ќелијата во затворот Метрополитан на Менхетн во август минатата година.