Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД во последните неколку недели постигнале голем напредок во преговорите со талибанците и јасно даде до знаење дека не му е драго што американските воени сили се присутни во Авганистан, објави Си-ен-ен.

За време на средбата со пакистанскиот премир Имран Кан, Трамп рекол дека 18-годишната војна со Авганистан била повеќе од контролна природа, односно дека воените сили на САД делувале како полицајци, а не војници. Трамп нагласи дека доколку сакаат САД би можеле брзо да стават крај на таа војна со брутална воена сила, но дека тогаш би загинале 10 милиони луѓе.

– Ако сакам веднаш да победам во војната, Авганистан би бил избришан од лицето на земјата. Но тоа јас не го сакам, не сакам да одам по тој пат. Ние всушност сме како полицајци. Не водиме војна. Да сакавме да војуваме и да го победиме Авганистан, ќе го освоевме за една недела. Но не сакам да убијам 10 милиони луѓе – рекол Трамп.