Џулијан Асанж најверојатно ќе биде подложен на тортура ако биде екстрадиран во САД, предупреди специјалниот известувач на ОН за тортура, откривајќи ги актуелните услови за живот на Асанж, пренесува РТ.

Специјалниот известувач на ОН за тортура, Нилс Мелцер, го посети Асанж во затворот „Белмарш“ во Лондон со двајца медицински експерти во мај, за да го процени степенот на малтретирање на кое основачот на „Викиликс“ беше подложен во текот на годините. По испитувањето, Мелцер напишал писма до американската, британската, еквадорската и шведската влада, во кои ги изнесува своите заклучоци.

Во писмата објавени во текот на викендот, Мелцер апелира до владите на Велика Британија и Шведска да не го предадат Асанж на американскиот правен систем, каде што 48-годишникот, најверојатно, ќе биде мачен. Во исто време, тој побара фер судење за Асанж од САД.

– Со оглед на силно видливите јавни и официјални предрасуди против Асанж во САД, постојат сериозни причини да се сомневаме дека тој ќе добие фер судење пред непристрасно судско тело како што се бара според законот за човекови права. Ја нагласувам мојата најголема загриженост дека ако Асанж биде екстрадиран или на друг начин предаден на САД, ќе биде изложен на вистински ризик од тортура или друг суров, нечовечки или понижувачки третман или казна – напишал Мелцер.

Во своите писма, Мелцер ги опишува и условите во затворот на Асанж. Според неговите набљудувања, новинарот го чуваат во ќелија од два на три метри каде што е заклучен 20 часа на ден. Тој поминува 30-60 минути во дворот надвор, а остатокот од времето (3-4 часа) му е дозволено да комуницира со други затвореници.

Асанж нема пристап до затворската библиотека и салата за вежбање како и пристап до компјутер што сериозно ја попречува неговата способност соодветно да се подготвува за повеќекратните и комплексни правни постапки што се очекуваат против него.

Официјалниот претставник на ОН, исто така, го потврди влошеното физичко и ментално здравје на Асанж, кој ги покажал сите симптоми карактеристични за продолжено и постојано изложување на сериозен психолошки стрес, анксиозност и сродни ментални и емоционални страдања во средина која е погодна за големи депресивни нарушувања и посттрауматски стрес. Ако Асанж не добие пристап до психијатар, неговото ментално здравје би можело дополнително да се влоши, предупреди Мелзер, нагласувајќи дека здравствената состојба на Асанж и неговииот когнитивен и сензорен капацитет се значително нарушени.