Паровите во Кина добија дозвола да имаат трето дете со опуштањето на политиката на законите за семејно планирање, донесенo поради драстичното опаѓање на наталитетот во земјата, кое пак, предизвика опасност за економијата, пренесува „Ројтерс“.

Пекинг ја укина забраната за две деца во 2016 година, во обид да ги избегне ризиците по економијата предизвикани од населението кое е веќе во години. Ваквата промена сепак не успеа да го крене наталитетот, бидејќи трошоците за растење на второ дете се доста високи.

– Ова е без сомнение, чекор во вистинска насока. Политиката за целосна слобода на раѓање требаше да биде спроведена пред најмалку пет години. Подобро доцна отколку никогаш – изјави Шуанг Динг, економист од Хонгконг.

Овојпат, политиката за трето дете ќе дојде со низа мерки за поддршка на семејствата. Трошоците за образование ќе бидат намалени, семејствата ќе добијат олеснувања за даноци и домување, а земјата ќе ги гарантира законските интереси на жените кои работат.

– Имањето второ дете не ги спречува родителите, туку проблем се високите давачки за домување, образование, училишните екскурзии, храната, кои се причините за колебање кај родителите – вели Јифеи Ли, социолог во Њујоршкиот универзитет во Шангај.

Жанг Ксину, 30-годишна мајка на едно дете, смета дека проблемот е во тоа што жените го сносат најголемиот дел од одговорноста кога станува збор за воспитувањето на децата.

– Доколку мажите сносат поголема одговорност за растењето на нивните деца, голем број жени би посакале да имаат второ дете – изјави таа за „Ројтерс“.

На анкетата „Дали сте подготвени за трето дете“, која подоцна беше тргната од платформата Веибо, над 30.000 жени одговориле дека воопшто не сакаат трето дете. Еден одговор гласел „Подготвена сум за трето дете доколку ми дадете пет милиони јуани (785.650 долари).

Парични казни од 130.000 јуани (20.440 долари) им беа изречени на родителите кои имале трето дете до крајот на минатата година.

Стравувајќи од неконтролирано зголемување на населението, Кина во 1979 година спроведе политика за едно дете, која успеа да го спречи порастот на населението. Но  ваквите ограничувања доведоа до селективни абортуси кои предизвикаа полова нерамнотежа, бидејќи многумина родители претпочитаат да имаат машки деца.