Терористот Мехди Немуш, кој во 2014 година уби четири лица во еврејскиот музеј во центарот на Брисел, доцна синоќа е осуден на доживотен затвор.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Судот не призна ниту една олеснителна околност што ја побара одбраната.

Судењето, кое траеше два месеци под силно полициско обезбедување во Палатата на Правдата во Брисел, заврши вчера со две пресуди. Доживотна за Немуш и петнаесет години за Насер Бендрер, обвинет дека го снабдил Немуш со кобното оружје.

Во мај 2014, терористот ладнокрвно уби четири лица на влезот на еврејскиот музеј во Брисел. Во текот на судењето, одбраната на Немуш се повика, меѓу другото, на “тешките услови на неговото детство“ во обид да ја намалат казната на осудениот, но безуспешно. Немуш растел без татко, додека пак мајка му боледувала од ментални растројства. Понатаму одбрана се обиде да го претстави терористот како жртва на заговор.

Судиите не уважија ниту еден од аргументите на одбраната.

Во пресудата, тие оценуваат дека Немуш им наштетил на темелите на општеството со тоа што таргетирал симбол на еврејската вера.

Судот ја призна централната улога на Немуш во спроведувањето и организирањето на атентатот, како и “очигледната антиеврејска природа“ на нападот, и го окарактеризира терористот како “егоцентричен и нарцисоиден“, поради фактот што во палтото носел камера на денот на нападот. Судиите исто така сметаат дека авторот на атентатот не покажал “никаква свест за сериозноста на неговите акти“ и дека постои голема опасност да го повтори делото поради високиот степен на насилна радикализација и фактот што тој одби да биде предмет на психијатриско вештачење за време на судењето.

Што се однесува до второобвинетиот, Насер Бендрер, казната од петнаесет години за должи на фактот тој покажал емпатија и искреност, како и дека ризикот да го повтори делото се чини низок. Судиите оценија и дека постојат добри шанси тој да се интегрира повторно во општеството, со помош на неговото семејство.