Судот во Нов Зеланд го осуди напаѓачот на џамиите во Крајстчрч, 29-годишниот Брентон Тарант, на доживотен затвор без можност за помилување, за убиствата на 51 муслимански верник во 2019 година.

Тарант ги призна убиствата, обидот за убиство на 40 и терористичкиот напад врз џамиите во Крajстчрч, пренесе „Ројтерс“.

„АП“ известува дека ова е прва ваква казна што некогаш била изречена во Нов Зеланд, а судијата Камерон Мандер рече дека злосторството на Тарант предизвикало „огромни загуби како резултат на изопачена и злонамерна идеологија“.

– Вашиот чин е нехуман. Убивте и едно тригодишно дете кое од страв се држеше за нозете на својот татко – истакна судијата Мандер, обраќајќи му се на убиецот.

Ова масовно злосторство на бел супраматист против верниците за време на молитвите во џамиите Ал Нур и Линвуд во Крајстчрч, го шокираше светот и ги охрабри властите на Нов Зеланд да донесат нов закон со кој се забранува носење на најсмртоносно полуавтоматско оружје.

За време на четиридневното сослушување пред изрекувањето на пресудата, 90 преживеани и членови на семејствата на убиените сведочеа за овој ужасен напад и траумата што сè уште ја носат.

Судијата Мандер конечно изјави дека убиецот неодамна изјавил дека се одрекол од неговите екстремистички погледи и дека неговиот криминален напад е „одвратно и ирационално дело“.