Дождовните шуми во Бразил ги зафатија пожари со рекордна големина и научниците предупредуваат дека оваа катастрофа може да претставува сериозен удар во борбата против климатските промени, објави Си-ен-ен.

Пожарите ја „голтаат“ шумата со највисоко темпо уште откога Националниот институт за вселенско истражување на Бразил (ИНПЕ) започна да ги следи во 2013 година.

Во јужноамериканската земја, оваа година се забележани 72.843 пожари, од кои повеќе од половина се наоѓаат во Амазон. Тоа е зголемување за 80 отсто во споредба со истиот период минатата година, информираа од ИНПЕ.

Дождовните шуми Амазон често се нарекуваат и „белите дробови на планетата Земја“, поради тоа што тие произведуваат дури 20 отсто од кислородот во земјената атмосфера.

Исто така, шумите се сметаат за клучни во запирањето и намалувањето на глобалното затоплување, а дом се и на многу различни видови на флора и фауна. Амазон е најголемата дождовна шума на планетата и се простира на територија колку половина од Соединетите Американски Држави.

Фотографии од големи облаци на смог и чад ги преплавија социјалните мрежи во Бразил. Чадот достигнал дури и до Сао Паоло, што се наоѓа на речиси 3.000 километри од Амазон.