Најголемите протести во САД во изминатите 50 години се чини дека на инстаграм инфлуенсерите (корисници со голем број на обожаватели кои ги користат социјалните мрежи и во маркетинг цели – н.з.) им пружаат уште една прилика за фотографирање и привлекување внимание, пренесува магазинот „Дејзд“.

Видеоснимки објавени на Твитер покажуваат луѓе кои позираат пред ограбените дуќани, додека ги фотографираат. Една девојка со заштитна маска, дури позираше со алат преправајќи се дека работи на санирање на штетите на вандализирана продавница. Други, пак, позираат за време на протестните маршови.

Писателката и активитка Отега Увагба на Твитер пишуваше за нејзиното соочување со инфлуенсерка на Инстаграм.

– Ова е причината поради која црномурестите луѓе го оттргаат погледот од сите глупости на социјалните мрежи. Замислете дека бела инфлуенсерка го објави ова на нејзиниот Инстаграм додека студиозно го игнорираше моето прашање за нејзиното однесување, додека одговараше на други, не толку незгодни коментари – напиша Увагба.

Јутуберот Џејк Пол беше критикуван од неговите обожаватели поради видеа кои наводно го прикажуваат како краде за време на протест во Аризона. Дваесет и тригодишниот Пол чие богатство се проценува на 11 милиони долари ги негираше обвинувањата, инсистирајќи дека тој бил на протестите само за да снима содржина за неговиот Јутуб-канал.

Професионалните шминкери и салони за нега на нокти, исто така беа критикувани поради создавање на третман наречен „Не можам да дишам“, што беа последните зборови на Џорџ Флојд пред да почине, како и дизајни за нокти со ликот на Флојд.

Од друга страна, забележани се и примери каде што совесните инфлуенсери и брендови ги прекинаа маркетинг-кампањите на социјалните мрежи со цел вниманието да се насочи кон протестите. Компаниите го прекинаа ваквиот вид на маркетинг бидејќи не сакаат да бидат видени како нечувствителни на социјалните мрежи, каде што протестите претставуваат горлива тема.

Платформите Јутуб, Тик Ток и Спотифај учествуваа во кампања за привлекување на внимание за прашањата за социјална неправда и расна правда. Многумина корисници на Инстаграм објавија црн квадрат во знак на поддршка на кампањата, иако поттикнаа критики, отворајќи го прашањето за користа на празната објава.