Во Белгија сѐ е поделено според јазичните линии – од политичките партии и училиштата, па сѐ до магазините и весниците. Земјата исто така има голем број мигранти на кои мајчин јазик не им е ниту холандскиот ниту францускиот, па затоа англискиот може да се употреби за нивно интегрирање

Јазикот е многу важен дел од играњето фудбал, при што тренерите им даваат инструкции на фудбалерите, а соиграчите меѓусебно разговараат на теренот. Затоа, многумина со право се прашуваат како воопшто комуницира мултинационалниот тим на Белгија. Извори блиски до белгиската репрезентација потврдуваат дека играчите не зборуваат ниту холандски ниту француски туку англиски јазик во соблекувалната, за да се избегне впечатокот дека се фаворизира некој од двата јазика. Тие исто така зборуваат англиски и на теренот, што беше изненадување за британските медиуми што го следеа натпреварот помеѓу Белгија и Англија, наведува Би-би-си.
Мнозинството Белгијци говорат холандски јазик и живеат на фламанскиот север. Повеќето од преостанатите зборуваат француски јазик, а исто така постои и мала заедница што говори германски. Ваквата поделба може да се забележи ако се спореди мајчиниот јазик на најголемите ѕвезди во белгиската репрезентација.
Па, така, плејмејкерот на Манчестер Сити, Кевин де Бруине зборува холандски и потекнува од Гент во фламанскиот регион додека, пак, напаѓачот на Челзи Еден Хазард потекнува од валонскиот регион и зборува француски јазик.
Би-би-си наведува дека прашањето за јазикот на белгиската фудбалска репрезентација и претходно беше во фокусот. На прес-конференција во 2014 година, одбранбениот играч Томас Вермален и Аксел Вицел зборуваа на различни јазици – Вермален на холандски, а Вицел на француски. Портпаролот на Белгискиот фудбалски сојуз за „Њујорк тајмс“ изјави дека посебно организираат интервјуа за оние што говорат француски и за оние фламански.

Во многу земји тоа би можело да се смета за бизарно, но во Белгија сѐ е поделено според јазичните линии – од политичките партии и училиштата, па сѐ до магазините и весниците. Земјата исто така има голем број мигранти на кои мајчин јазик не им е ниту холандскиот ниту францускиот, па затоа англискиот може да се употреби за нивно интегрирање. Всушност, етничката разноликост на тимот – неколку играчи се од мигрантски семејства – нуди интересна мешавина на јазици и широк спектар на јазична способност. Напаѓачот Ромелу Лукаку, роден во Антверп, е познат по неговото добро познавање шест јазици – холандски, француски, англиски, шпански, португалски и свахили – а капитенот на репрезентацијата Винсент Компани зборува пет јазици. Но некои од играчите од француското говорно подрачје се монојазични, тие не зборуваат ниту холандски јазик. Франкофонот Фелаини, кој сега игра во Манчестер јунајтед, еднаш беше опишан од коментаторот на ИТВ Фил Невил како најлошиот зборувач на англиски јазик.
– Но и покрај тоа што сите играчи разбираат француски јазик, англискиот често се смета како „безбедна средина“. Со користењето на англискиот како заеднички јазик, организациите, а и белгиската репрезентација, не може да бидат обвинети дека ги фаворизираат холандскиот или францускиот јазик, и дека ги засилуваат лингвистичките поделби – истакнува новинарката Сузан Ванхојмисен.
Од друга страна, Швајцарија е уште една мултијазична земја што игра на сегашното светско првенство. Дома, во Швајцарија, се зборуваат четири јазици – германски, француски, италијански и романш. Рамон Вега играше за швајцарската репрезентација помеѓу 1993 и 2001 година. Вега потврдува дека прашањето за јазикот предизвикува раздор помеѓу играчите.

– Германските, француските и италијанските играчи сите седат на одделни маси за ручек и за вечера. Рој Хоџсон, бившиот тренер на Швајцарија, го советуваше тимот на француски јазик, но го зборуваше и јазикот на некој играч, во обид да ја разберат неговата порака. Сите се разбираат меѓу себе, но за да бидете сигурни дека е разбрана вашата порака, ќе се обидете на јазикот на другиот соговорник – вели Вега.
Но белгиската чувствителност значи дека таквиот пристап не би бил мудар за „црвените ѓаволи“, како што е познат националниот тим на Белгија.
– Сите швајцарски јазични заедници го прифаќаат фактот за швајцарската нација, која е дефинирана плурално. Но тоа не е случајот со Белгија, каде што наративот за нацијата е спорен. Во Фландрија, многумина од луѓето првенствено се дефинираат како членови на фламанската нација, отколку како Белгијци – оценува експертот Клаус Јурген Нагел.