Тоа беше „добро патување“. Така барем во неделата ја опиша својата четврта посета на Северна Кореја американскиот државен секретар и поранешен шеф на ЦИА, Мајк Помпео. Што постигна, што знаеме со сигурност, кои се фактите, а што се претпоставува дека се случило и дека ќе се случи?

Во неделата поранешниот директор на американската ЦИА и сегашен државен секретар, Мајк Помпео, по четврти пат ја посети Северна Кореја и се виде со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Што знаеме за таа средба и зошто повторна средба? Има многу енигми за тоа зошто повторно и што се договориле, но, сепак, со сигурност знаеме една работа: неговото време со претседателот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун беше многу кратко, вкупно три и пол часа – состанок во траење од два часа и 90-минутен ручек.

„Денот е многу пријатен и ветува добра иднина за двете земји“, изјавил лидерот Ким, додека седел на заедничкиот ручек со Помпео. Иако не постои можност во тие 210 минути со Ким Џонг-ун во неделата да дошло до некаков епохален напредок, Помпео сепак веројатно ја оствари својата цел: барањето време и можни локации за вториот самит на САД и Северна Кореја.

Трамп најверојатно ќе биде во искушение за брзо одржување на ваквиот самит – можеби дури и во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, создавајќи си така историски поени и полнејќи ги насловните страници, давајќи му притоа акцент на „уште еден успех“ во пресрет на ноемвриските избори, кои се одржуваат на средината од претседателскиот мандат. Ова би можело да значи дека администрацијата ќе понуди, а Северна Кореја ќе прифати, политичка декларација што ѝ става крај на корејската војна, во замена за една голема акција за денуклеаризација, каква што би била затворањето на нуклеарниот комплекс „Јонгбјон“.

И покрај тоа што не се појавија некои големи вести од состанокот, еден дел од „покривањето“ на овој настан од страна на „Њујорк тајмс“ сепак го привлече вниманието: „Севернокорејските службеници, кои во посебна соба ручаа со членовите од придружбата на господин Помпео, изјавија дека би било одлично ако господинот Трамп повторно го посети Пјонгјанг, на втора средба со господинот Ким“.
Во врска со ова, во јавноста силно одекна ставот на Хари Казианис, директорот на Одбранбените студии во центарот „Национален интерес“, кој вчера ја бранеше тезата за „сигурна и брза“ втора средба на лидерот на САД и лидерот на Северна Кореја.
– Немојте да бидете шокирани ако се случи тоа. Како што објаснив во еден неодамнешен напис во „Американски конзервативец“, би било многу мудро од Трамп да размисли за еден ваков чекор. Време е повторно да го испратиме Доналд Џ. Трамп во Пјонгјанг. Иако тоа можеби ќе ви изгледа малку преурането и дури по малку лудо, следете ја за момент мојата логика:

како прво, ваквата идеја одамна лебди во воздухот – дури не е ни поставена од оваа администрација. Во 2000 година, тогашната државна секретарка Медлин Олбрајт замина за Северна Кореја, за да се сретне со тогашниот лидер Ким Џонг-ил и да иницира можен самит помеѓу него и претседателот Бил Клинтон.

Исто така, не треба да заборавиме дека Трамп не следи ниту еден од принципите на традиционалната надворешна политика. Тој се потпира на својата храброст и обожава да крева врева, доминирајќи со медиумските циклуси секогаш кога може. Отиде дури дотаму што на еден скорашен митинг во Западна Вирџинија изјави дека „тој и Ким се вљубиле еден во друг“, знаејќи дека со тоа ќе ги извади од памет медиумите. А ништо во кабелските вести не би доминирало повеќе од моторизираната придружба на Трамп низ улиците на Пјонгјанг, каде што само пред една година парадираа војниците на Ким, „накитени“ со интерконтинентални балистички проектили, наменети за напад врз Америка.

Потоа, тука е и реалноста дека политиката на Трамп кон Северна Кореја е неодржлива, нешто што најверојатно го разбира и самиот Трамп.

Јунското ракување со Ким во Сингапур беше интерпретирано како сигнал за народите околу Азија дека американската политика кон северот се менува, но и дека, и покрај продолжувањето на санкциите, оружен конфликт нема да се случи. Многумина сега почнаа да го злоупотребуваат ова. Кога сте главниот причинител за почеток на трговска војна помеѓу САД и Кина, а имајќи го предвид фактот дека 90 отсто од севернокорејскиот извоз вака или онака поминува низ Пекинг, може да се очекува Кина да „заборави“ на каква било северна соработка со администрацијата на Трамп. Всушност, постојат докази што сугерираат дека тука нешто е сомнително, особено кога ќе ја сфатите незапирливата кинеска способност за контрола на набавките на суровини кон север.

Разгледувајќи ги во комбинација сиве овие поенти, согледуваме дека максималниот притисок е нешто што е закопано во минатото.

Изложувајќи ги своите аргументи на тезата за повторна средба, директорот на Одбранбените студии во центарот на „Национален интерес“, Хари Казианис, заклучи: „Сѐ што ми треба е еден твит од претседателот, кој ќе докаже дека имам право…“.