Унгарскиот политичар без партиски афилијации, Петер Марки-Зај, е избран од опозицијата да му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан на изборите в година, пренесуваат светските медиуми.

Марки-Зај (46) завчера победи во вториот круг на изборите организирани од страна на опозицијата, за да го предводи блокот составен од шест партии на следните парламентарните избори. Тој се смета за првиот сериозен противник на Орбан од 2006 година досега, не е поврзан со Социјалистичко-либерална коалиција која беше поразена од страна на Орбан, ниту пак, е поврзан со партиите кои беа формирани по падот на комунизмот во 1989 година.

– Околу една третина од унгарското население го поддржува Фидеш, друга третина ја поддржува опозицијата. Но Марки-Зај има способност да ги придобие и опозицијата и онаа последна третина, односно оние кои обично не гласаат или кои се разочарани од Фидеш – изјави Петер Акош Бод, поранешен гувернер на Унгарската национална банка.

Марки-Зај има искуство како градоначалник на унгарскиот град Ходмезовасархели од 2018 година, а формираше и национална мрежа на поддржувачи и активисти, кои се нарекуваат Движење за сите Унгарци.

– Ние сакаме нова, почиста, почесна Унгарија, не само да го замениме Орбан и неговата партија – рече Марки-Зај пред неговите поддржувачи во Будимпешта.

Според анкетите, тој има најголема шанса да ги порази Орбан и неговата партија.

По неговата победа во 2010 година, Орбан го преобликува политичкиот и институционалниот пејзаж во Унгарија според неговиот лик, а неговата партија Фидеш доминира во клучните институции во земјата.

– Марки-Зај е искрен, а токму тоа е она што ни недостасува во унгарската политика – изјави Роберт Молнар, близок пријател на Марки-Зај кој го опиша опозицискиот кандидат како „тотална спротивност“ на Орбан.

Марки-Зај и неговата поразена ривалка на коалициските прелиминарни избори, Клара Добрев, се согласуваат дека се потребни неколку промени во земјата: да се замени унгарската валута со еврото што е можно побрзо, земјата да се придружи на Европското јавно обвинителство, како и да се откаже проширувањето на нуклеарната централа во Пакс, које е одобрено од Фидеш.