Досегашниот „вицепремиер“ на таканаречената Доњецка народна република во источна Украина Дмитриј Трапезников е избран за привремен лидер на самопрогласената република.

Веста беше соопштена на брифинг во Доњецк по вонредното заседание на „владата“ на ДНР, свикана по убиството на досегашниот лидер Александар Захарченко.

Уставот на ДНР предвидува „вицепремиерот“ на самопрогласената република да биде нејзин привремен премиер, во случај на предвремен прекин на овластувањата на лидерот.

Командантот на проруските бунтовници во Доњецката област, која се отцепи од Украина, Александар Захарченко денеска загина во експлозија на бомба во ресторан во Доњецк.

Во април 2014 година Захарченко заедно со други сепаратисти учествуваше во операција за преземање на зградата на градската администрација во Доњецк. Подоцна истата година тој беше избран за „премиер“ и „претседател“ на самопрогласената Доњецка народна република.