Белоруската опозиција нема да успее да ги постигне своите политички цели играјќи на т.н. „руска карта“, изјави рускиот амбасадор во Минск, Дмитриј Мезенцев, пренесува ТАСС.

– Некои од организаторите на протестите сакаат да организираат политички шоуа во Белорусија и да играат на „руската карта“ во обид да ги зголемат тензиите меѓу Русија и Белорусија, но нивните обиди нема да доведат никаде.

Односот на Русија кон нашата братска нација, Белорусија, не се менува во зависност од чекорите што ги прават западните партнери на Минск во одредени ситуации. Нашата позиција се заснова на сојузнички односи кои го минале тестот на времето –  истакна Мезенцев.

Мезенцев истакна дека рускиот претседател Владимир Путин води конзистентна политика насочена кон поддршка на целиот белоруски народ.

– Ако некој верува дека западните престолнини ќе можат да ги прекинат врските меѓу нас со наметнување ограничувања на Белорусија, тоа значи дека тие не ги разбираат длабочината и обемот на нашата соработка – нагласи тој.

Коментирајќи го Белорускиот акт за демократија, човекови права и суверенитет од 2020 година, донесен од Претставничкиот дом на САД, Мезенцев посочи дека тоа е обид да се одвлече Белорусија од Русија и да се растури системот на билатерални односи.

– Кога таков чекор ќе преземат пратеници од земја што има поплаки во врска со кршење на демократските принципи во различни делови на светот, тоа ги крши демократските традиции и го крши меѓународното право – посочи рускиот амбасадор.

Мезенцев истовремено ја истакна потребата Русија и Белорусија да ја зајакнат политичката соработка.Претставничкиот дом на САД претходно усвои нацрт-документ под наслов Белоруски акт  за демократија, човекови права и суверенитет од 2020 година, кој предвидува санкции против официјални претставници на Државата унија на Русија и Белорусија.

Според документот, САД ги отфрлаат„резултатите од лажираните претседателски избори на 9 август 2020 година во Белорусија, ги поддржуваат повиците за нови претседателски и парламентарни избори спроведени на слободен и фер начин според стандардите на ОБСЕ и под надзор на набљудувачите на ОБСЕ и независните домашни набудувачи, и повикуваат на итно ослободување, без предуслови, на сите политички затвореници во Белорусија. Нацрт-документот сега ќе биде доставен до Сенатот на САД.