Австралискиот студент Алек Сигли, кој исчезна во Северна Кореја минатата недела, е ослободен од притвор и безбедно ја напушти земјата, соопшти денеска премиерот на Австралија, Скот Морисон, пренесува Би-би-си.

Австралија нема своја амбасада во главниот град на Северна Кореја, па судбината на младиот студент, односно австралиската влада зависеше од добрата волја на трети страни, во пронаоѓање на Сигли. Одлуката беше донесена на средбата помеѓу претставници на шведската амбасада во Пјонгјанг и владата на Северна Кореја. Премиерот Морисон имаше пофалби за начинот на кој шведските дипомати работеле на враќањето на Сигли. Процесот беше изведен дискретно бидејќи постоеше загриженост дека јавното спротиставување на Северна Кореја би можело да му наштети на Сигли. Затоа, внимателната, дискретна дипломатија даде резултат.

– Со задоволство соопштуваме дека Алек Сигли, кој беше притворен во Северна Кореја, денеска беше ослободен. Тој е безбеден и во добра состојба. Сакам да се заблагодарам на шведските власти за нивната непроценлива помош – соопшти Морисон.

Сигли (29) студира и води туристички бизнис во Пјонгјанг. Сѐ уште не е позната причината зошто студентот, кој течно го зборува корејскиот јазик, беше притворен. Тој се опиша себеси како „единствениот Австралиец во Северна Кореја“. Неговото семејство загуби контакт со Сигли минатата недела, по што се појави загриженост дека е притворен.

– Јас сум добар, да, многу сум добар – рече Сигли на снимката која беше направена веднаш по неговото пристигнување во Пекинг.

Неговиот татко за локалните медиуми изјавил дека неговото семејство е пресреќно што тој е безбеден.

– Минатата недела беше многу тешка, но ние сме пресреќни што сега ситуацијата е решена. Тој ми се јави пред малку, ќе разговарам со него и во текот на денот – изјавил Гери Сигли.