Директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Брнс, имал тајна средба со талибанците додека американскиот претседател Џо Бајден се соочуваше со голем притисок од западните лидери за продолжување на рокот за евакуација од Авганистан по 31 август, пренесуваат светските медиуми.

Тајната средба со талибанскиот коосновач мула Абдул Гани Барадар била одржана завчера во Кабул. ЦИА одби да даде коментар за првата средба на највисоко ниво помеѓу администрацијата на Бајден и милитантната група. Продолжувањето на рокот за евакуација главно се бараше поради дополнителното време потребно за одобрување на специјалните визи, што би значело дека напуштањето на Авганистан на американските сојузници најверојатно би можело да трае и до крајот на септември, според западните лидери.

Пред да биде назначен за директор на ЦИА, Брнс имаше долга дипломатска кариера во која се специјализираше за деликатни и тајни комуникации. Тој исто така е заслужен за преговорите кои доведоа до нуклеарниот договор со Иран за време на администрацијата на Барак Обама.

Се смета дека ЦИА сега ќе сноси голема одговорност за идните случувања во Авганистан. Иако талибанците ветуваат безбедно напуштање од аеродромот на Кабул, ризикот се зголемува со секој изминат ден. Доколку САД останат во Авганистан макар и еден ден подоцна, талибанците тоа ќе го сметаат „за пречекорување на црвената линија“ која тие ја поставија. Американската армија вчера објави дека 37 авиони полетале надвор од Авганистан, при што за 24 часа биле изнесени 12.700 луѓе од земјата.

– Како што се приближуваме до крајниот рок, безбедносниот ризик ќе се зголемува. Ќе станува сѐ поопасно бидејќи терористичките групи како што е ИСИС би сакале да бидат видени како преземаат заслуга за нападите, или како „го бркаат“ Западот од аеродромот – изјави Бен Валас, британски секретар за одбрана.

Некои талибански лидери се загрижени поради големиот број на Авганистанци кои ја напуштаат земјата. Многумина од оние што се обидуваат да избегаат се меѓу најобразованите членови на населението, кои се потребни за да се одржува економијата, како и сите други јавни и административни работи. И покрај хаосот, талибанците постојано повикуваат на соработка во обидот да обезбедат меѓународно признавање, со цел да ја избегнат изолацијата што од 1990-тите години кога последен пат беа на власт.