Додека сведочеше пред членовите на американскиот Конгрес, извршниот директор на „Боинг“, Денис Мујленберг, во неколку наврати потврди дека се чувствува одговорен и дека дизајнот на системот за стабилизација на авионите (MCAS) е една од причините за фаталните авионски несреќи во кои загинаа 346 патници и членови на екипажот.

Пратениците му посочија на Мујленберг голем број пропусти кои, според нив, покажуваат дека компанијата повеќе го ценела профитот отколку безбедноста.
– Не се согласувам. Нашиот деловен модел ја нагласува безбедноста – рече Мујленберг, а пренесе Си-ен-ен.

Пратениците, исто така, го доведоа во прашање неговото преземање на одговорност.

– Дали сега имате помала плата, работите ли бесплатно за да го решите овој проблем – запраша претеникот Стив Коен.

– Почитуван пратенику, парите не ми се важни. Комитетот одлучува за вакви работи – одговори Мујленберг.

Двете несреќи се случија во Етиопија и Индонезија, каде што за помалку од шест месеци паднаа два авиона од моделите „737 макс 8“.

Денеска авиокомпанијата „Боинг“ ширум светот итно приземји 50 авиони од моделот „737NG“ поради проблеми кај крилјата, јави „Франс прес“.