Пратеникот на Обединетите нации за Сирија, Стафан де Мистура ги повика Русија, Сирија и Израел да се воздржат од воени операции, откако сириската противвоздушна одбрана по грешка урна руски авион со 15 лица во него, мислејќи дека е израелски.

– Нова воена операција само би ја влошила и онака веќе тешката состојба во Сирија – изјави Де Мистура пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Де Мистура особено изрази загриженост што инцидентот со рускиот авион се случува во време кога претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, постигнаа договор да се одложи планираната операција против бунтовниците во областа Идлиб.