Бил Козби се соочува со 10-годишна затворска казна доколку биде прогласен за виновен

Бил Козби ѝ платил 3,38 милиони долари на жена која тврди дека тој ја дрогирал и нападнал, во рамките на нивната спогодба од 2006 година, истакна обвинителството на новото судење на познатиот американски актер кое почна вчера во Пенсилванија, пренесува Си-ен-ен. Оваа информација беше соопштена првпат при враќањето на Козби во судницата, на рочиштето за три обвиненија за „тежок телесен напад“, за кои тој се изјасни како невин.

Судењето засега се сведува на „неговиот збор против нејзиниот“, помеѓу Козби и Андреа Констанд, поранешната вработена на универзитетот „Темпл“ која тврди дека актерот ја нападнал во неговиот дом во 2004 година. Адвокатите на Козби, пак, посочуваат оти нивната интимна врска била со взаемна согласност. Констанд го пријавила нападот во полиција во 2005 година, но не биле покренати обвиненија по што таа покренала приватна тужба една година подоцна. Делови од нивната спогодба станаа јавни, вклучувајќи го и признанието на Козби дека набавувал седативи со цел да им ги даде на жените со кои сакал да има однос.

Андреа Констанд тврди дека била нападната од актерот во 2004 година

– Станува збор за случај за предавство, кое доведе до сексуален напад врз Андреа Констанд – кажаа застапниците на обвинителството. 

Не постојат форензички докази за наводниот напад на Козби, по што главен адут на обвинителството е сведочењето на Констанд, додека застапниците на актерот тврдат дека таа не е жртва, туку сака да дојде до парите на обвинетиот.

Правните експерти во САД истакнуваат дека ситуацијата на повтореното судење значително се разликува од претходниот процес пред една година, оти сегашното рочиште се одржува кога движењето против сексуалното злоставување во Холивуд зема замав, па би можело да има влијание и врз поротниците. Во корист на обвинителството се и неколкуте нови сведоштва за наводните напади на Козби, за кои се дозна во меѓувреме. Актерот, исто така, има и нов правен тим во однос на претходното судење, со што на негова страна е познатиот адвокат Том Месеро, кој успешно го застапуваше Мајкл Џексон, кога пејачот беше обвинет за злоставување деца.

Обвинителството можеби ќе повика нови сведоци од јавните личности кои го обвинија Козби за сексуално злоставување, додека на одбраната ќе ѝ биде дозволено да повика сведок кој тврди дека Констанд своевремено признала оти можеби лажела за нападот, во обид да изнуди пари. 

Козби се соочува со 10-годишна затворска казна, доколку биде прогласен за виновен.

Демонстрантка во топлес се затрча кон Козби при неговото влегување во судницата, по што беше уапсена