Двете најголеми суперсили, САД и Русија, периодов ги истакнаа своите борбени адути. Америка се пофали дека развива борбена технологија позната како „убиец на дронови“, а Русија, од друга страна, на Парадата за победа над фашизмот ќе ги претстави неколкуте свои воени новитети, како новата верзија на борбениот авион „Су-57“, хиперсоничните ракети „Р-37М“, тенкот „Т-14 армата“ и други

Пандемијата не ја запре трката за вооружување

Глобалната економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 не да го намалува извозот на оружје на големите светски извозници на воена опрема. Ова, меѓу другото, на неколку наврати изминатиов период беше посочувано во повеќе меѓународни извештаи што се занимаваат со истражувања за состојбата на трговијата со оружје низ светот. Имено, токму во тој контекст, а само на неколку дена до одржувањето на Парадата за победата над фашизмот на 9 мај во Москва, во Америка веќе на големо се предвидува кои видови оружје ќе ги претстави Русија и што од тоа ќе биде најинтересно. Американскиот магазин „Нешнл интерес“ во текстот под наслов „Русија наскоро ќе ни го покаже најсмртоносното оружје“ издвојува шест најнапредни и најопасни разработки што би можеле наскоро да се покажат на светските маркети за оружје и воена опрема.

Борбениот авион „сухој-57“ и хиперсоничната ракета „Р-37М“

Новиот руски скап и високотехнолошки главен борбен авион (ловец) беше главна ѕвезда на последните прослави на Денот на победата над фашизмот и нема причина зошто и оваа година да биде изоставен од централното место. Станува збор за најнапредниот руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, проектиран да биде голема закана за воздухопловните сили како САД и НАТО. Ова летало повеќе од јасно е дека ќе биде повторно прикажано на денот на парадата, каде што годинава е можно да се претстави неговата извозна варијанта. Со тоа што Русија ги зголемува напорите на заинтересираните страни да им ја продаде странската верзија на „сухој-57“, дефилето на парадата на Денот на победата е премногу добра реклама што не може да се пропушти. Четири ескадрони на „сухој-57“ летаа на небото над Кремљ за време на ланската парада, а истото тоа се очекува да се случи и оваа година, каде што за разлика од лани сега првпат со нив ќе биде прикажана и новата хиперсоничната противавионска ракета „Р-37М“, со дострел од над 300 километри.

Системот „с-400“ и балистичката ракета „к-47м2 кинжал“

Едно од најплодните руски современи оружја, системот за ракетна одбрана „с-400 триумф“ е меѓу најбараните оружја со светска слава и не изостанува од договорите за набавка на оружје со Кина, Турција и со Индија. Системот „с-400“ не само што има голем скок во перформансите од „с-300“ од 1970-тите години туку е и значително поразновиден од неговиот претходник. Системот „с-400“ несомнено ја заработи титулата на руски најнапреден систем за ракетна одбрана, барем додека не биде официјално претставен неговиот наследник „с-500“. Во исто време, како што наведуваат американските медиуми, Кремљ нема да ја пропушти шансата да ја претстави и „к-47м2 кинжал“, воздушно лансираната, хиперсонична, нуклеарна балистичка ракета, која првпат беше покажана во јавноста во 2018 година. Ракетата „кинжал“ може да се пофали со огромен максимален дострел од 3.000 километри и врвна брзина од 12 маха кога ќе се лансира од бомбардерот „ту-22м3“.

Тенковите „Т-14 армата“ и „т-90с“

Секако не може, а да не се забележи новиот руски скап и високотехнолошки главен борбен тенк, кој изминативе години исто така беше главна ѕвезда на последните прослави. Најнапредната борбена тенковска платформа на Русија, „т-14 армата“, може да се пофали со нов најефикасен експлозивен реактивен оклоп, нов автоматски топ од 125 милиметри, интегрирана ракета со ласерско водење, софистициран систем за контрамерки и голем број други дополнителни атрактивни карактеристики од нелизгав слој и вграден тоалет. Во исто време, како што наведуваат западните медиуми, Русија се соочува со санкции поради нејзината надворешна политика, па земјата во отсуство на финансии реши и да прави модернизација на старото советско оружје. Така, најновата верзија на рускиот борбен тенк „т-90с“ од 1990-тите години е модернизиран и веќе располага со цела низа надградби и нови функции што го вклучуваат најновиот топ „2а46м-5“, новиот експлозивен реактивен оклоп „реликт“. Повеќе од јасно е дека и оваа година се очекува руската војска да ја прошета извозна варијанта на „т-90с“ низ улиците на Москва.


Основана во 2018 година, американската компанија „Епир“, со седиште во Лос Анџелес, вели дека беспилотните летала стануваат главно средство за војување во 21 век, а американскиот генерал Кенет Мекензи смета дека се најзагрижувачки тактички развој од појавата на импровизираните експлозивни направи. Во обид да се справи со овој растечки проблем, „Епир“ го создаде „леонидас“, преносното оружје со енергија на микробранови, кое може да се користи за оневозможување беспилотни летала со еден удар или прецизно да собори еден дрон. Фините детали на изработка се доверливи, но фирмата откри дека работи на функцијата за преоптоварување на електрониката на дронот, предизвикувајќи истиот тој веднаш да падне (Ц-УАС). Методот на „Епир“ вклучува солиден софтвер, кој го контролира системот и може да уништи електронски цели со помош на зрак, со што се онеспособуваат непријателските закани без да се оштети блиска пријателска технологија.
Неговата најатрактивна карактеристика се малите димензии. „Леонидас“ работи на галиум нитрид, го собира во мала автомобилска приколка или може да се постави на палуба на брод. Оперативен е за неколку минути, за разлика од другите системи, на кои им се потребни неколку часа. „Епир“ исто така го разви „леонидас под“, компактен емитер на зраци со истата технологија на енергија на микробранови што може да биде пренослив со дрон. Тука се поставува прашањето дали самото војување наскоро ќе прерасне во научна фантастика, во која компјутерите ќе ја водат битката.