Десет лица загинаа, а седум се повредени во сообраќајна несреќа во Романија, потврдија службите за итни случаи на „Еуроњуз“.

Несреќата се случила во раните утрински часови кога минибус и камион се судриле на пат во источна Романија, јави новинската агенција АФП, цитирајќи ја романската полиција. Во несреќата загинаа деветмина од 16 патници во минибусот, како и возачот на камионот, соопштија службите за итни случаи во Иаломиша.

– Меѓу повредените, четворица се во сериозна состојба – рече Раед Арафат, државен секретар на Романија за внатрешни работи.

Ова е една од најсериозните сообраќајни несреќи кои се случиле изминатиов период во Романија,земја каде често се дебатира за лошата состојба на патиштата.

Патот бил затворен и 40 пожарникари биле повикани на местото на настанот, според АФП, цитирајќи го романското Одделение за итни случаи.

Романија е земја во ЕУ со најголема стапка на сообраќајни несреќи: забележани се 96 смртни несреќи на милиони жители во 2018 година. Просекот на ЕУ е 49 смртни случаи на милион жители.