Помеѓу 30 и 40 унгарски државјани се ставени во карантин на туристички брод во Мексико под сомнение дека може да се заболени од коронавирус, објави денеска министерот за надворешни работи на Унгарија, Питер Сијарто. Во Мексико денеска е потврден првиот случај на овој вирус, а за неколку часа пријавен е и втор случај.

Унгарските власти се во директен контакт со две семејства кои се задржани во Мексико. Сијарто изјави дека двајца патници на туристичкиот брод пријавиле симптоми на грип, но утврдено било дека не станува збор за коронавирус.

– На мексиканскиот брод „Меравиља“ има околу 6.000 патници, а медицинскиот персонал спроведува тестови за Ковид-19 – рече министерот Сијарто.

Во Мексико е потврден првиот случај на коронавирус, што е втор случај во Јужна Америка, изјави министерот за здравство на Мексико, Уго Лопес-Гател Рамирес.

Тој рече дека пациент, за кој се верувало дека е заразен со вирусот, денеска бил вторпат тестиран и е позитивен. Првиот случај на коронавирус во Јужна Америка беше потврден во вторникот во Бразил. Бројот на заболени од коронавирус во светот е близу 84.000, а бројот на смртни случаи е нешто помалку од 2.900.

Вкупниот број на излекувани до денес е нешто помалку од 37.000 илјади, бројот на активни случаи е околу 44.000 илјади, од кои 82 проценти се со поблаги симптоми и 18 проценти се во тешка состојба.